10 октомври 2023, Скопје – Меѓународниот монетарен фонд со есенските проекции ги подобри очекувањата за растот на македонската економија. Во Светскиот економски преглед, којшто Фондот го објави вчера, растот на домашната економија за 2023 година е проектиран на 2,5% или за 1,1 процентен поен повисоко во однос на нивните проекции од април годинава. Во однос на стапката на инфлација, ММФ очекува таа да продолжи да се намалува оваа и следната година, додека во 2025 година би се вратила на ниските вредности од околу 2% и би се задржала на тоа ниво следните години.
Проекцијата на ММФ за растот на македонската економија е блиска до проекцијата при подготовката на Нацрт-буџетот за 2023 година. Интересно е дека ММФ значајно ги подобрува изгледите за домашната економија за годинава, истовремено кога минимално ги намалува проекциите на нашите најголеми трговски партнери – еврозоната и Германија на 0,7% и -0,5% во 2023 година, што укажува на поголема отпорност и подобри перформанси на економијата, имајќи го предвид неповолното влијание од окружувањето.
Очекувањата за растот во регионот во најголем дел се блиску до очекувањата за домашната економија (Бугарија 1,7%, БиХ, Србија и Словенија 2%, Грција 2,5% и Хрватска 2,7%), додека малку повисок раст се очекува во Албанија, Косово и Црна Гора (3,6%, 3,8% и 4,5%, респективно). На среден рок, ММФ очекува забрзување на растот на домашната економија на 3,5%, намалување на долгот на општата Влада и намалување на стапката на невработеност.