Вести|

10 октомври 2023, Скопје – На денешната владина седница донесена е измена на Одлуката за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Оваа одлука беше усвоена на 28 септември 2023 година, а со измената се допрецизираат неколку тарифни броеви кои во практиката создадоа дилема околу примената на повластената стапка од 5%, поради поголемиот број производи по ист тарифен број.

Со оваа измена, урдата, замрзнатото тесто, црвениот бибер и црвениот пипер, бебешките каши, адаптирано млеко за доенчиња, додатоци за исхрана за опаднат имунитет, хербалните чаеви, наполитанките и вафлите, растителниот кашкавал, одредени видови кашкавали, лутеницата, конзервираното цвекло и фефероните се производи што ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%.

Со оваа одлука се овозможува поддршка на домашната економија, односно на домашните компании кои произведуваат дел од овие производи, како и заштита на стандардот на граѓаните.

Измените кои Владата ги усвои на денешната седница ќе се применуваат од 13.10.2023 година.

Министерството за финансии и Владата се во постојана комуникација со бизнис-заедницата при креирањето на политиките и нивната примена, а воедно се и отворени за сугестии и предлози. Процесот на утврдување на оваа одлука беше транспарентен и инклузивен, во рамки на кој пред 9 месеци, поточно во јануари, со стопанските комори беше споделена листата со производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ за да можат да достават свои предлози. Одлуката беше донесена на седница на Владата на 28 септември и стапи во сила на 2 октомври кога и започна со примена, но поради утврдените недоследности во примената кај дел од производите се укажа потреба од измена на Одлуката која беше направена во најкус можен рок.

Република Северна Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од неа се оданочуваат со најниска повластена стапка од 5%. Примената на најниската повластена стапка на ДДВ во земјава се однесува на повеќе од 1650 прехранбени производи, а дополнително повластена стапка имаат и други околу 950  прехранбени производи.

Одлуките за примена на повластена стапка на ДДВ произлегоа од измените на Законот за данок на додадена вредност и се со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните и оданочување со праведна даночна стапка на прехранбените производи. Дополнително, со усвоените законски измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност се извршија и други усогласувања со Директивата на ЕУ за ДДВ.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *