Вести|

17 октомври 2023, Скопје – Владата на РС Македонија на денешната седница усвои измени на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила заради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила, што е во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови и усогласување со најновите стандарди на ЕУ.

Новата метода, којашто се заснова на мерење на емисијата на СО2 во реалната околина, претставува глобално усогласена постапка за испитување на нивото на емисија на јаглерод диоксид од моторните возила, којашто задолжително се применува во ЕУ за сите новопроизведени возила почнувајќи од 2022 година, а воедно овозможува подиректно поврзување на данокот на моторни возила со негативните екстерналии предизвикани од емисијата на CO₂ од возилата.

Со пропишувањето на оваа метода во РС Македонија се овозможува новите патнички моторни возила да бидат соодветно оданочени, и тоа во согласност со вредностите на просечната емисија на CO2 изразени во потврдата за сообразност за ЕУодобрување на возилото (Certificate of conformity-COC) според Глобално усогласената испитна постапка за лесни возила (WLTP).

Со примена на пропишаните коефициенти за пресметка на специфичната компонента за CO2 на данокот на моторни возила се овозможува зајакнато оданочување на најголемите загадувачи со данокот на моторни возила, а кои спаѓаат во категоријата  луксузни патнички возила или многу стари возила коишто се најнееколошки од аспект на загадување на животната средина. Целта е поттикнување на граѓаните и компаниите да инвестираат во набавка на возила што исполнуваат повисоки еколошки стандарди, без оглед дали станува збор за набавка на нови или половни возила, и со тоа да се придонесе кон декарбонизација на транспортот во земјата и намалување на загадувањето на воздухот.

Согласно податоците со кои располага Царинската управа за увоз на патнички автомобили во земјава, новата Уредба нема да има негативно финансиско влијание врз купувачите на нови возила, освен за оние возила што спаѓаат во категоријата луксузни или т.н. премиум возила. Напротив, се очекува новата Уредба да изврши надолен притисок врз продажните цени на новите возила од ниска или средна класа.

Што се однесува до половните патнички моторни возила, негативно финансиско влијание може да се забележи исто така кај возилата од полуксузните категории, како и кај многу старите возила. И во двата случаја, при набавка на нови или половни возила, Уредбата ќе се ефектуира врз износот на данокот на моторни возила кај возилата кои спаѓаат во групата на најголеми загадувачи со високи емисии на издувни СО2 гасови, а кои во земјава се увезуваат во помал број.

Процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Уредбата беше воден на транспарентен и инклузивен начин, со одржување консултации со претставници на стопанските комори во земјата, од чија страна е изразена поддршка за усвојување на новата Уредба.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *