7 ноември 2023, Скопје – Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борбата со организираниот криминал. Со поддршка од Обединетото Кралство, Управата ќе добие нов современ систем кој ќе ги дигитализира процесите, а тоа ќе овозможи побрз проток и размена на информации во рамки на институцијата и со други институции, но и носење поквалитетни одлуки, а сето тоа ќе доведе до поефикасно дејствување во справувањето со организираниот криминал.
За реализација на овој проект денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов и регионалниот менаџер за Западен Балкан во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство Дарен Пертриџ. На потпишувањето присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.
„Финансиската полиција е клучна институција во земјата во борбата со организираниот финансиски криминал и заштита на националните финансиски интереси, а зајакнувањето на нејзините капацитети и воведувањето нови современи системи се дополнителен придонес во зголемувањето на ефикасноста во борбата со неформалната економија и организираниот криминал“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека со силни институции, координиран пристап и нивна меѓусебна соработка се гради ефикасен систем во справувањето со организираниот криминал и корупција, а тоа ќе придонесе за подобрување на конкурентноста на економијата и за економски раст.
Амбасадорот Лосон посочи дека целта на овој меморандум е да го определи веб-базираниот мултиплатформски систем за управување со содржини (Enterprise Content Management System) со алатки за управување со случаи (Case Management Tools) и лиценци кои ќе бидат доделени од страна на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство (HMRC) на Управата за финансиска полиција на Северна Македонија, во насока на исполнување на целите за спречување и откривање на економскиот, финансискиот и организираниот криминал и во дефинирање на одредбите за неговото користење и одржување.
„Градењето на капацитетот и способноста на Управата за финансиска полиција во Северна Македонија во насока на подобрување на нејзиниот капацитет за финансиски истраги за управување со сложени случаи, прикажување ревизорски траги и зголемување на транспарентноста е од фундаментално значење за разбивање на криминалните организации – и на национално и на меѓународно ниво“, рече британскиот амбасадор.
„Овој софтвер“, според директорот Иванов, „што го добиваме денеска, ќе придонесе за зајакнување на техничките капацитети на Управата за финансиска полиција, со што ќе се доближиме до нашата крајна цел, а тоа е модернизирана и во целост професионална служба. Со овој проект, Управата за финансиска полиција има за цел управување со содржини и процеси, коишто ќе овозможат едноставен проток на документи и информации“.
Тој додаде дека системот ќе овозможи и забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази. Самото решение има за цел намалување на секојдневните трошоци и зголемување на ефикасноста на вработените.
Регионалниот менаџер во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство потенцира дека Управата негува долга и конструктивна соработка со Северна Македонија и таа отсекогаш била многу продуктивна.
„Преку нашата мрежа на офицери за врски кои работат на фискален криминал и овде и во регионот, целиме кон градење силни релации со доверливи партнери, не само за да помогнеме во остварувањето на меѓународните цели на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство, туку и да ги идентификуваме можностите онаму каде што можеме со цел да им помогнеме на нашите партнери во борбата против организираниот криминал и корупцијата, без оглед каде и да се појават“, посочи Пертриџ.
Новиот систем во Управата е донација од Обединетото Кралство која се реализира преку Амбасадата на ОК во земјава, а се имплементира од страна на Даночната и царинската управа на ОК.
Станува збор за софтверско решение кое ќе го зголеми оперативниот капацитет на Управата за финансиска полиција за подобро следење и откривање на организираниот криминал и ќе ја подобри ефикасноста на процесите и процедурите со што ќе се подобрат перформансите во борбата против сериозниот и организиран криминал.