14 декември 2023, Скопје – Министерството за финансии, преку Европската банка за обнова и развој и ЕУ, обезбеди 7,5 милиони евра за реализација на проектот за воспоставување заеднички железнички премин – Табановце. Договорот е потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу,
„Потпишавме Договор за заем од Европската банка за обнова и развој за реализација на овој значаен инфраструктурен проект кој е насочен кон подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура во земјава и подобрување на меѓународната соработка и поврзаност со соседна Србија, со која всушност заеднички ќе го изведуваме овој проект“, рече министерот Бесими по потпишувањето на Договорот.
Тој потенцира дека ова е само дел од напорите на Владата и Министерството за финансии за обезбедување финансиски средства за реализација на развојни проекти, кои ќе придонесат кон остварување забрзан и одржлив раст на земјата, а со тоа и приближување кон стандардот на ЕУ.
Со Договорот се обезбедуваат 5 милиони евра од ЕБОР за реализација на овој проект, а притоа се обезбедени и 2,5 милиони евра грант од инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан – ВБИФ.
„Ова е само дел од долгата листа проекти на кои работевме посветено во текот на изминатиот период за да обезбедиме финансиски средства за нивна реализација, а кои ќе обезбедат одржлив раст и позабрзана конвергенција кон ЕУ. Обезбедените 7,5 милиони евра за реализација на овој проект се дел од големиот пакет од над 700 милиони евра за реализација на крупни инфраструктурни проекти, а за кои беа усвоени и законските решенија оваа недела во Собранието. Инаку, во рамки на Буџетот за наредната година планирани се 733 милиони евра за капитални расходи“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека покрај овие средства за развојни цели, обезбедени се и над 250 милиони евра за справување со кризата.