18 септември 2024, Скопје – По донесувањето на Законот за заем од унгарската Експорт-импорт банка, на почетокот на октомври ќе следи потпишување на Договорот за заем, по што се очекува средствата да ѝ бидат уплатени на земјата, и тоа во една транша. Општините веќе ги чекаат овие средства кои ќе бидат наменети за проекти за развој, додека стопанството ќе биде главен двигател на забрзаната економска активност.
Ова го изјави заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостувањето на ТВ 24, каде што истакна дека покрај реализацијата на овој билатерален договор, со кој се унапредува економската соработка со Унгарија, земјата продолжува да соработува и со другите меѓународни кредитори.
„Соработката ќе продолжи и со Светската банка, со која имавме комуникација во однос на постојните проекти што се во застој, како и во однос на идната соработка за финансирање. Со овој заем од Унгарија соработката со другите меѓународни кредитори нема да застане “, изјави заменик-министерот.
Тој додаде дека приоритет е средствата да пристигнат што побрзо и да обезбедат поддршка за општините и стопанството.
„Има голем интерес од страна на општините – сите поднесоа проекти, вкупно 357, коишто моментално се евалуираат. Очекуваме вложените средства да создадат додадена вредност и да ги подобрат условите за живот, а воедно и да придонесат за реализација на капиталните инвестиции до крајот на годината“, истакна Јанкуловски.
Во однос на средствата што ќе бидат насочени кон стопанството, тој посочи дека тие ќе бидат наменети за домашните компании, пред сè за производствените, со цел да се поттикне растот на БДП, а со тоа да се намали и буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Јанкуловски додаде дека останува да се дефинираат уште неколку детали во однос на критериумите.
„Средствата ќе им бидат доделени на компаниите со истата каматна стапка со која е обезбеден и кредитот од унгарската банка, односно 3,25%. Целта е што поголем број компании да ги искористат овие средства, што ќе резултира и со отворање нови работни места“, изјави заменик-министерот за финансии.