Вести|

24 септември 2024, Скопје – Спроведувањето на реформите е вистинскиот патоказ за целосна реализација на нашата евроатлантска интеграција. ЕУ е приоритет за Владата и Министерството за финансии и имаме цврста определба за реализирање на Реформската агенда поврзана со Планот за раст.

Ова го констатира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средбата со новиот амбасадор на ЕУ во земјава, Микалис Рокас, на кој му посака добредојде и успешен мандат.

                                                                                     

„Напредокот во остварување на реформите отвора можности за зголемени инвестиции и финансирање од буџетот на ЕУ, вклучително и во големите инфраструктурни проекти, со што би се забрзал и процесот за намалување на економските и социјалните диспаритети на земјата во однос на ЕУ. Затоа фокусот ќе биде ставен на реформите и реформската агенда за приближување на земјата до ЕУ и обезбедување подобри услови и повисок стандард за граѓаните“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

На средбата стана збор за активностите поврзани со реализацијата на Планот за раст. Министерката информира дека Реформската агенда на земјата е усвоена од страна на Владата и доставена до ЕК по што се очекуваат следните чекори од процесот и одобрување средства од страна на ЕУ за реализација на домашната агенда. Основната цел на Реформската агенда е засилено спроведување на реформите преку забрзување на усогласувањето на нашиот јавен сектор со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на јавниот сектор на Унијата, обезбедување негово транспарентно управување, развој на конкурентна и зелена економија и поддршка на процесот на пристапување.

На средбата, истакнувајќи дека ЕУ е наш значаен партнер, министерката се заблагодари за континуираната поддршка на ЕУ кон земјата и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, во насока на остварување на нашата цел – целосна интеграција во ЕУ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *