Вести|

12 ноември 2024, Скопје – Фискалната стратегија за периодот 2025 – 2029 година, документ во кој се презентираат претпоставките за макроекономските проекции и насоките на фискалната политика за тековната и за следните пет години, денеска беше усвоена во Собранието. Целите на Фискалната стратегија ги презентираше заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

„Фискалната политика за периодот 2025 – 2029 година ќе биде насочена кон подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето со јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. Исто така, ќе се преземат мерки за фискална консолидација со цел постигнување умерено ниво на задолженост“, рече Јанкуловски.

Тој додаде дека во неа се опфатени среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, проекциите за буџетскиот дефицит и долгот, лимитите на буџетските расходи, како и проекциите на среден рок за локалната власт и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост.

Притоа потенцира дека очекуваните резултати се однесуваат на водење активна и одговорна фискална политика во функција на економски раст, со постигнување на нумеричките фискални правила, потоа дисциплинирана буџетска потрошувачка преку ефикасно искористување на средствата и реализирање на зголемени перформанси од работењето со подобрен квалитет на јавните услуги и дигитализација на услугите од јавниот сектор, продолжување кон натамошна консолидација, оптимизирање на јавните приходи и расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активност преку реализација на капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции во приоритетните области во согласност со владините политики, кои ќе генерираат позитивни ефекти врз економскиот раст на среден рок, како и зачувување на макроекономската стабилност и фискалната одржливост што ќе создаде поповолни услови за динамизирање на економската активност.

„Со Фискалната стратегија се предвидува етапна фискална консолидација, пришто буџетскиот дефицит е намален како процентуално учество во БДП, и тоа од 4,9% во 2024 година на 2,8% во 2029 година. Притоа, фискалната политика ќе биде насочена кон создавање предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните. Среднорочните фискални проекции имаат силна развојна компонента, со значајно учество на капиталните расходи од околу 5% во БДП на годишно ниво и претставуваат клучни елементи на јавните финансии“, истакна Јанкуловски.

Фискалната стратегија е подготвена врз основа на Изјавата за фискална политика 2024 – 2028 година, која беше донесена во септември 2024 година од страна на Владата, а согласно Законот за буџети.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *