Вести|

12 ноември 2024, Скопје – Капиталните расходи се нашата развојна компонента и на неа ги темелиме очекувањата за остварување на проектираниот економски раст. Тоа ќе го постигнеме преку реална реализација која се случува на терен и добра кадровска екипираност во администрацијата. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостувањето на Тв 24.

„Зборуваме за реални инвестиции, не за трансфери. Капиталните расходи ни се навистина развојна компонента, во кои силно веруваме и преку кои покажавме во што сме поразлични. Ги детектиравме реалните проблеми на терен и ги отстранивме, така што имаме реална реализација на инвестициите, како што се патните правци Битола-Прилеп и Кичево-Охрид, а во текот на наредната година ќе почне проширувањето на патот Тетово-Гостивар и ќе се работи на делниците Гостивар-Букојчани, Скопје-Блаце, Градско-Дреново. Со вакво темпо и кадровска екипираност во администрацијата, којашто е директен изведувач, убеден сум дека ќе имаме високо ниво на реализација на капитални инвестиции“, рече Јанкуловски и додаде дека пристапот на оваа Влада не е само да се префрлаат парите кон општините и изведувачите и притоа да нема никаква реализација.

Тој додаде дека максимално се работи и на реализација на проекти за кои се повлечени средства од меѓународни институции, а за чие нереализирање во минатото биле плаќани пенали кои достигнале и до 20 милиони евра. Дополни дека паралелно со реализацијата на овие проекти се работи и на ефикасна наплата на тековните приходи во Буџетот.

Заменик-министерот посочи дека очекува остварување на проектираниот економски раст за следната година од 3,7%, и покрај случувањата во Германија и очекуваното влијание врз домашната економија.

„Случувањата во Германија како фактор на ризик се земени предвид и при креирањето на Фискалната стратегија и Буџетот за 2025 година. Тоа планираме да го компензираме со бруто-инвестиции на домашен план, како што се реализација на општинските проекти, поддршка на компаниите, на извозните компании, најавените инвестиции во нови и проширување на постојните капацитети, како и влез на неколку атрактивни меѓународни компании кои ќе донесат нови технологии. Со компензирање на тие надворешни ризици со реализација на инвестиции ќе го оствариме тој раст“, истакна Јанкуловски.

Во однос на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите, рече дека очекува да се постигне договор со банките и тој процес да се реализира до крај, а средствата да стигнат до компаниите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *