19 ноември 2024, Скопје – Комуникацијата со банките продолжува. Се очекува тие да се произнесат во однос на каматната стапка и за можноста таа да биде на пониско ниво и од 3,25%, а паралелно и да се утврдат некои финеси во однос на критериумите. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ Сител, при што нагласи дека немало никаков проблем во разговорите со банкарскиот сектор и дека она што не можело да се договори бил рокот на отплата, но дека се најде заедничко решение.
„Со банкарскиот сектор единствено не можевме да го договориме рокот на отплата, затоа што секоја банка има интерна процедура за носење одлука која зависи од тоа дали станува збор за опрема или градежни објекти. Целта беше да постигнеме заеднички договор за тоа кои би биле роковите, односно да ги прифатат истите услови под кои ние го земавме кредитот, а тоа е 3 години грејс период и 15 години рок на отплата. На тој начин би избегнале ситуација на преминување на клиентите од една во друга банка. Во врска со каматата, Владата останува на тоа доколку може да најде решение и да договори со банките на некој начин и тие да имаат општествена одговорност, а со цел да поттикнеме поголемо инвестирање. Тоа беше намерата на премиерот и во таа насока бараше и банките да одат во делумно субвенционирање на каматата. Ако ги погледнеме сите кредитни линии што оделе преку Развојната банка тие всушност биле субвенционирани од Владата, вклучително и последната што е донесена како одлука од претходната Влада на 25.7.2023 година, со која каматата се намалува за 1 п.п. којшто го финансира банкарскиот сектор. Не нудевме ништо празлично од тоа што досега го имало со Развојната банка. Премиерот имаше еден нов предлог и ќе видиме како ќе се произнесат банките во врска со него. Ние, секако, ќе ја субвенционираме каматата и останува да видиме колку пониско, дури и под 3,25%, ќе можат банките да ги пласираат средствата“, рече министерката.
Таа потенцира дека не станува збор за субвенционирање на каматата на компаниите кои ќе ги земат кредитите, туку дека ќе платат пониска камата од просечната по која сега ги добиваат средствата од банките.
„Фирмите ќе ја платат каматата која ќе биде пониска од она што во моментот го добиваат од комерцијалните банки, а тоа е просечно 4,9%. Можноста е сега да добијат пониска камата од 3,25% и таа да биде максимумот по кој би ги добиле средствата“, рече министерката и потенцира дека никогаш не станало збор за тоа дека Владата ќе ги плати каматите на фирмите, туку да се обезбедат поевтини кредити и тие да плаќаат пониска камата.
Во интервјуто министерката се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година за кој од денеска во рамки на Комисијата за финансирање и буџет започнува амандманската расправа.