24 април 2025, Скопје – Платите на вработените во институциите од областа на културата веќе се исплаќаат и сите вработени ќе ја добијат својата плата, соопшти заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски одговорајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Министерството за финансии сериозно пристапи кон решавање на проблемот во врска со исплатата на платите на вработените во институциите од областа на културата. Во текот на вчерашниот ден беа исплатени околу 87 милиони денари, а исплатата продолжува и денес“, рече заменик-министерот за финансии.
Тој додаде дека се работи на воспоставување нов систем со цел во иднина да не настануваат проблеми со доцнење на платите на вработените.
„Работиме на подигнување на животниот стандард на граѓаните, на културните работници и сите добиваат зголемени плати, а притоа максимално ги почитуваме сите донесени законски решенија, Општиот колективен договор, како и посебните договори“, истакна Јанкуловски.
Тој наведе дека од март 2025 година, согласно постојните законски решенија, гранските колективни договори и утврдените владини политики, реализирано е зголемување на платите на 23000 вработени во администрацијата, градинките, старските домови и детските одморалишта, како и на затворските службеници, судските службеници и на службениците во обвинителството. Исто така, 3100 вработени во институциите од областа на културата добија зголемување од 6% на постојните плати, а 5000 вработени во високото образование и научните институти зголемување од 8%. Паралелно, околу 12000 вработени во МВР добија зголемување од 10%, вработените во основното и средното образование 7%, откако во октомври 2024 година имаа зголемување од 5%, а вработените во здравствените установи добија 5% зголемување по зголемување од 10% во октомври 2024 година.
„Околу 87000 вработени добија зголемување на платите во март, а со ова темпо и согласно законските прописи ќе продолжиме и понатаму да ги зголемуваме. Заедно со зголемувањето на пензиите работиме на подобрување на стандардот на граѓаните“, истакна заменик-министерот за финансии.