31 мај 2019, Битола- Триесет општини денес добија механизација преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии. Станува збор за десет ровокопачи во вредност од 45,7 милиони денари, кои се обезбедени како грант средства од ЕУ. Со ова ќе се обезбедат подобри општински услуги за околу 300.000 граѓани кои живеат во руралните општини.
Станува збор за општините: Берово, Чешиново Облешево, Крива Паланка, Радовиш, Демир Хисар, Василево, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Дебрца, Неготино,Пехчево, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, Ранковце, Кратово, Конче, Карбинци, Крушево, Кривогаштани, Босилово, Ново Село, Кичево, Пласница, Дебар, Центар Жупа, Струга, Вевчани, Демир Капија, Кавадарци.
Денес министерот за финансии Драган Тевдовски и раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини присуствуваа на потпишување на договор за примопредавање на механизацијата на општините.
-Механизацијата ќе придонесе за подобрување на условите за живот за граѓаните на повисоките места, како и во руралните општини. Таа ќе овозможи непречено извршување на општинските услуги, како: расчистување на патишта во различни временски услови, редовно чистење на канали, регулација на речни корита, превенција на поплави и други активности.-истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој посочи дека ваквите инвестиции, без разлика на висината на самата инвестиција, значат многу за локалното население, бидејќи решаваат реални проблеми и ги подобруваат условите за живот во општините. Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии,рече Тевдовски, со поддршка на Европската комисија и Светска банка ја има токму таа цел. Преку инвестиции во локални патишта, водоводи, градинки, училишта,…, да се подобри животот на граѓаните во сите општини во земјата.
Бертолини пак рече дека согласно најновиот извештај на Европската комисија земјата е поблиску од кога било до започнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој посочи дека со овој грант 30 оптшитни ќе можат да ги подобрат своите услуги кон локалното население, како чисти локални патишта, канали и водоводи.
Министерот за финансии истакна и дека има добра реализација на Проектот за подобрување на општински услуги од околу 80%. Тој истакна дека се обезбедени механизација за општини, фотоволтаични уреди, дека се работи на изградба на градинка, општинска зграда, локални улици и голем број други проекти.