Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставникот на Европската инвестициска банка Петер Зајц денеска потпишаа Договор за заем за финансирање на проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, вреден 50 милиони евра.
 
Проектот е дел од политиката на Владата за рамномерен регионален развој. Целта е преку инвестиции во комуналната инфраструктура да се стимулира развојот на општините.
 
– Овој проект е од исклучително значење за економскиот развој на Република Македонија, но уште повеќе за економскиот развој на руралните подрачја, на посиромашните средини. Со него ќе се подобрат условите и квалитетот на животот на граѓаните, рече Ставрески пред потпишувањето на Договорот.
 
Условите за заемот се одлични, напомена Ставрески, рок на отплата 25 години, пет години грејс период и 1,3 отсто камата.
 
– На пазарот на капитал никаде не може да се најдат средства со подобри услови од овие. Обезбедени се под исклучително поволна каматна стапка од ЕУРИБОР плус варијабилен распон од 0,17 отсто. Доколку сега се повлече транша таа би била под камата од 1,27 проценти годишно, рече Ставрeски.
 
Заемот ќе се повлекува во најмногу 20 транши, а минималниот износ на една транша е два милиона евра.
 
– Проектот е уште една потврда за досегашната одлична соработка меѓу македонската Влада и ЕИБ и за натамошната поддршка од наша страна за економски развој и за инфраструктурни проекти која почна одамна, во поранешена Југославија, а продолжи и по осамостојувањето на земјата, истакна Зајц.
 
Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ ќе го имплементира Министерството за транспорт и врски во соработка со општините и Градот Скопје. Конкретната реализација се очекува да почне до крајот на годинава.
 
Висината на средствата што ќе ги добијат единиците на локалната самоуправа зависи од бројот на населението, површината и бројот на населените места. Зависно од овие параметри, некои општини ќе добијат од 300.000 до два милиона евра. Како ќе ги искористат, зависи од нивната подготвеност.
 
– Општините се веќе информирани. Следи пополнување на апликациите, нивно доставување до Министерството, одобрување од ЕИБ, а потоа и постапката за изнаоѓање градежна компанија која ќе ги реализира проектите, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Приоритет во однос на заемот, додаде, ќе имаат руралните средини зашто целта на Владата е драстично да се намали бројот на населени места кои имаат проблем со водоснабдувањето.
 
Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ е дел од пошироката владина програма за инвестиции во комуналната сфера чија вкупна вредност е 100 милиони евра. ЕИБ финансира 50 отсто од оваа програма, а останатите 50 проценти се проекти на Светска банка, KFW банката, ИПА и Буџетот на Република Македонија.(МИА)