21 јули 2018, Скопје – Aгенцијата “Фич” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед. На потврдата на рејтингот ББ влијаеа континуираната конхерентност на макроекономската и финансиската политика, кои го поддржуваат стабилниот девизен курс. Позитивниот изглед пак го одразува постабилното политичко окружување што резултира со повисока економска доверба, пренасочувањето на политиките кон членство во ЕУ, и подобрените меѓународни односи.
Во извештајот Фич нотира дека Владата постигнала кредибилен напредок во остварувањето на заложбите од промената на власта во јуни 2017 година, вклучувајќи го и имплементирањето на итните иницијативи како дел од реформскиот „План 3-6-9“, како и прашањата на транспарентноста и независноста на јавните институции. Особено се истакнува подобрувањето на фискалната транспарентост, како и чекорите за подобрување на деловниот амбиент за малите и средните претпријатија. Исто така, нотиран е и напредокот во прашањето околу името, одлуката на Советот на ЕУ за преговори за членство во јуни 2019, како и формалната покана од НАТО за зачленувањето на Македонија по решавање на спорот со името. Притоа, се спомнува дека резултатите на референдумот може да предизвикаат политичка неизвесност.
Фич оценува дека растот на БДП од 2,7% годинава ќе забрза во следните две години, укажувајќи дека продолжената политичка стабилност и постепеното закрепнување на инвестициите ќе го зголемат растот на среден рок. Понатаму, се оценува дека јавните финансии се во линија со оние на други слични земји. Притоа, Фич проектира дефицит во 2018 година од 2,6% од БДП, а државниот долг ќе изнесува 42,3% од БДП.
Фич оценува дека ризиците за политичката стабилност се сеуште повисоки од групата на слични други земји како резултат на политичката криза меѓу 2014 и 2017 година. Понатаму, се наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичката неизвесност, како и имплементацијата на среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат негативните политички движења кои би влијаеле на стандардите на владеење, економијата и/или насоката на владините политики, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка.