4 август 2017, Скопје – Aгенцијата „Фич“ соопшти дека го потврдува постојниот кредитен рејтинг на Македонија, ББ со негативен изглед.

На потврдата на рејтингот влијаеја кредибилната монетарна и макропрудентна политика, кои овозможија долготрајна стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски раст. Економскиот раст за 2017 година е ревидиран на 2,3%, но се оценува дека формирањето на владата ќе резултира со подобрување на економските очекувања и активност, и следствено ќе овозможи просечен раст од 3,2% во 2018 – 2019 година. Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз веќе растечкиот тренд на државниот долг, со 39,9% во 2017 година тој е проектиран значително под просекот на 49,5% од БДП на земјите со сличен кредитен рејтинг.

Фич во извештајот нотира дека пролонгираната политичка криза е надмината со формирањето на новата влада. Притоа, се оценува дека владиниот „План 3-6-9“  за политики ориентирани кон членство во НАТО и ЕУ и враќање на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции се соочува со значајни предизвици во имплементацијата. Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, додека локалните избори ќе претстават првичен тест за напредокот на владата.

Потврдата на негативниот изглед ги одразува оценките на Фич дека, и покрај формирањето на новата влада, сѐ уште постојат политички ризици за ефективно водење и имплементирање на економските политики, повисок раст и напредок кон ЕУ. Фич наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат позначајното намалување на политичката неизвесност како и имплементацијата на кредибилна среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат повторувањето на политичката нестабилност, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на надворешните нерамнотежи.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.