Во 2013 година е формирано Координациското тело на регулаторните
институции за финансиска едукација заради зајакнување на соработката помеѓу регулаторните институции во областа на финансиската едукација. Во
Координациското тело членуваат: Народната банка на Република Северна
Македонија (НБРСМ), Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Во 2019 година телото ги зголеми своите надлежности и во областа на финансиската инклузија и се преименува во Координациско тело за финансиска едукација и финансиска инклузија. Во овој период се преземени голем број иницијативи за подигање на нивото на финансиската писменост на населението и поголема финансиска инклузија во земјата. Активностите се насочени кон следниве области:
– Поттикнување на соработката помеѓу институциите коишто се дел од
Координациското тело и соработката со други релевантни институции преку
спроведување едукативни програми и активности за поддршка и подобрување на финансиската писменост кај населението;
– Соработка во заеднички проекти за финансиска едукација и инклузија;
– Изработка на стратешки документи;
– Мерење на нивото на финансиска писменост и финансиска инклузија на
населението;
– Спроведување работни сесии, семинари, предавања и други јавни настани;
– Промоција на регионалната и меѓународната соработка.
Постојат неколку заеднички активности за финансиска едукација и инклузија
коишто се координираат од страна на институциите на Координациското тело, секоја година во даден временски период, како што се: „Глобалната недела на парите“ во март, „Деновите на финансиската писменост“ во мај, одбележувањето на меѓународниот Ден на штедењето на 31 октомври и на Денот на осигурувањето на 1 ноември.
Министерство за Финансии
Даме Груев бр.12, 1000 Скопје
Република Северна Македонија
Тел: +389 2 3255-300
Факс: +389 2 3255-721
finance@finance.gov.mk