Министерството за финансии направи 12 клучни промени со кои се подобри транспарентноста

30 јануари 2018 година, Скопје - Министерството за финансии денеска со свој претставник учествуваше на презентирањето на Извештајот за финансиска транспарентност според податоци собрани до 31.12.2016 година.

Од јуни 2017 година до денеска, Министерството за финансии направи 12 клучни промени за подобрување на транспаретноста со кои се објавени податоци што досега не беа достапни за јавноста:

  1. Објавени се извештаи за извршувањето на Буџетот по буџетски корисници на месечна основа;
  2. Исто така, се објавуваат и извештаи за извршувањето на Буџетите на општините на квартална основа;
  3. Се објавува квартален извештај за извршување на Буџетот на општата Влада.
  4. Подобрен е Полугодишниот извештај за извршување на Буџетот на РМ и тој за првпат содржи детални податоци за сите буџетски корисници.
  5. Објавени се сите доспеани и неплатени обврски со пресечен датум 31 мај на сите буџетски корисници, јавни претпријатија и општини.
  6. За првпат од независноста на Р. Македонија беа објавени податоци за распределбата на доходот на граѓаните, врз основа на податоци на УЈП.
  7. Објавен е „Граѓански буџет“ врз основа на податоците од Ребалансот на Буџетот за 2017 година.
  8. Објавен е и „Граѓански буџет“ врз основа на податоци за Предлог-буџетот. Исто така изработени се и „Граѓански буџети“ од страна на сите министерства за нивните поединечни буџети.
  9. За првпат од независноста на Македонија, Министерството за финансии организира јавна дебата за Буџетот и тоа пред истиот да влезе во владина постапка. На дебатата присуствуваа невладиниот сектор, експертската јавност, коморите, синдикатите, како и претставници од меѓународните финансиски партнери на Р.М.
  10. Направени се законски измени со кои се воведе обврска сите буџетски корисници и јавни претпријатија своите завршни сметки да ги објавуваат на своите веб-страници и да бидат достапни за јавноста.
  11. Се наметна обврска до буџетските корисници и јавните претпријатија сите договори за јавни набавки и анекси да ги објавуваат на електронскиот систем за јавни набавки - e-nabavki и со тоа истите се достапни до јавноста.
  12. Веб-страницата на Министерството за финансии е сменета со цел полесен пристап до извештаи и информации за јавноста. Сега сите податоци се достапни и во ексел формат.

Ова, како што рече портпаролката на МФ Јована Аврамовска, се 12 клучни промени направени во насока на отворање на транспарентноста во работењето со јавните финансии. Таа истакна дека министерот за финансии заедно со вработените секојдневно работеле на отворањето на податоците и тоа е еден од клучните приоритети на Министерството и Владата.

Транспарентноста, како што рече, има бројни придобивки, како притисок од јавноста за подобро трошење на парите на граѓаните, зголемена одговорност и контрола на носителите на Власта и достапни информации и податоци за истражување за експертската и научната јавност, стопанскиот сектор и истражувачките новинари.
- Она што можам да го најавам е дека Министерството за финансии нема да застане тука, 2018 година ќе ја одбележи уште поголема проактивна транспарентност со цел да објавиме што е можно повеќе информации важни за јавноста, заклучи таа.