Елези: Се ограничуваат трошоците што ги плаќаат граѓаните за брзи кредити

8 август 2018, Скопје - Се намалуваат високите трошоци за брзите кредити. Со законските измени, кои ги изготви Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на 55% од кредитот. Претходно,  годишните трошоци не беа ограничени и достигнуваа и до 500% од кредитот. Со измените се опфаќаат вклучително и мали кредити под 200 евра, кои претходно не беа законски опфатени.

Денес во Министерството за финансии заменик-министерката за финансии Ширет Елези оствари средба со претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите Марјана Лончар, на која беа презентирани измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

- За да ги заштитиме граѓаните, а воедно и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Со нив се намалуваат и вкупните трошоци за кредитите. Сега, со измена на Законот, вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55%, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11%. За споредба, претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината. На пример, за земен кредит од 12.000 денари на два - три месеци, граѓаните требаа да вратат 36.000 денари - рече заменик-министерката Елези.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) ја поздрави иницијативата на Министерството за финансии за измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

- Оваа измена е особено важна за сите нас како потрошувачи  од причина што се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци за потрошувачки кредити. Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува Законот  да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој Закон,  додека кај потрошувачите  се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата.  Од тие причини, ОПМ апелира измените да бидат што побргу усвоени - рече Маријана Лончар, претседател на ОПМ.

Текстот на Законот е поставен денеска на ЕНЕР, така што сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари. Министерството за финансии ќе ги земе предвид и внимателно ќе ги разгледа сите сугестии пред пуштање во владина процедура.