Средба Тевдовски – Дејвидсе: Се продлабочува соработката со Светска банка

12 март 2019  година, Скопје - Соработката на Република Северна Македонија со Светска банка во наредниот период ќе се продлабочи, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на средбата што ја имаше со новиот извршен директор во Светска банка, Кун Дејвидсе кој е во дводневна посета на нашата земја.

Министерот Тевдовски истакна дека соработката ќе се фокусира во продолжувањето на реализацијата на тековните проекти, како и започнување со имплементација на нови проекти предвидени со новата Стратегија за соработка за периодот 2019-2023 година (Country Partnership Framework 2019-2023).

Соработката на нашата земја со Светска банка трае од 1993 година и до сега се финансирани проекти во вредност од над 2 милијарди долари. Во наредните четири години Светска банка ќе и стави на располагање на нашата земја околу 400 милиони долари.

На средбата што се одржа во Министерството за финансии, покрај министерот Тевдовски учествуваа и министрите за економија Крешник Бектеши, за здравство Венко Филипче, за транспорт и врски Горан Сугарески, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за образование и наука Арбер Адеми и Санела Шкриељ, шеф на кабинет во Министерството за труд и социјална политика.

– Со новата стратегија за периодот од 2019 до 2023 година ќе се вложат значајни средства во подобрување на конкурентноста на економијата во нашата земја и за постигнување инклузивен и одржлив раст. Тоа може да се постигне преку вложувања во инфраструктурата, подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, заштита на најранливите категории, вложувања во човечки капитал, како и зајакнување на институциите и одржливоста на јавните финансии, рече министерот Тевдовски.

Станува збор за проекти од повеќе области, како транспорт и врски, здравство, социјална заштита, труд и социјала, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, финансии и земјоделство.

Извршниот директор во Светска банка Дејвидсе нагласи дека посветено ќе работи да се реализираат зацртаните цели. Тој додаде дека нашата земја е пример како решавањето на политичките прашања може да ги отвори процесите за членство во НАТО и за отпочнување на  преговорите со Европската унија и дека тоа ќе придонесе за економски напредок на земјата.

Министерот Тевдовски е домаќин на извршниот директор Дејвидсе, кој во Светска банка ја претставува нашата земја заедно со Ерменија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грузија, Израел, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Романија и Украина. Дејвидсе на оваа функција е од ноември 2018, на која што дојде по Френк Хемскирк.