МФ, НБРСМ, КХВ, МАПАС и АСО потпишаа Меморандум за финансиска инклузија

20 март 2019, Скопје - Денес во Народната банка на Република Северна Македонија, беше потпишан Меморандум за финансиска инклузија од страна на банката, Министерството за финансии, Комисија за Хартии од вредност, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенција за супервизија на осигурување. Целта е да се овозможи поголема достапност до финансиските услуги за сите граѓани, без дискриминација.

- Меморандумот кој денеска го потпишуваме е значаен, бидејќи наша обврска како регулатори, е да овозможиме достапност до финансиските услуги и еднаквост на можностите: за младите, за жените, за ранливите категории население, за населението во руралните средини, за малите и средни претпријатија. Сите требаат да имаат пристап до финансиски услуги и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени-рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи дека придобивките од финансиската инклузија се повисок раст на БДП и помала доходовна нееднаквост.

- Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека преку обезбедување на пристап до сметки, кредити, за жените, за ранливите категории, се овозможува побрз и поинклузивен економски раст. Друга придобивка од финансиската инклузија е дека таа привлекува повеќе луѓе во формалниот сектор, што во фискалниот дел значи повеќе приходи во буџетот. Повеќе приходи во буџетот пак значат подобро здравство, образование, инфраструктура и други јавни услуги-рече Тевдовски.

Тевдовски рече веќе е направен чекор кон поголема финансика инклузија преку Законот за  платежни услуги и платни системи, со кој се обезбедуваат бесплатни банкарски сметки за ранливите категории.

Во светот 1,7 милијарди од населението немаат пристап до банкарски систем, а податоците кај нас покажуваат дека 77 отсто од возрасното население поседува трансакциска сметка, што е сосема споредливо со просекот за Европа од околу 82 отсто.

– Иако се забележува солидна финансиска вклученост од аспект на поседување трансакциска сметка сепак повеќе други показатели упатуваат на позначителен јаз: само 17 отсто и 53 отсто од населението поседуваат кредитни и дебитни картички, наспроти европскиот просек од 35 отсто и 71 отсто, соодветно, само 37 отсто од населението ги користат картичките за купопродажни трансакции, што е двојно помалку од европскиот просек 63 отсто само 12 отсто од населението користат електронски пристап до сметки, а интернет-трансакции прават само 17 отсто од граѓаните, што е двојно помалку од просекот во ЕУ, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Според Нора Алити, претседател на Комисијата за хартии од вредност, финансиската едукација е важна бидејќи доколку потенцијалниот инвеститор не е едуциран сигурно е дека нема да може да ги искористат без разлика дали е развиен или неразвиен пазарот на капитал.

Придобивките од финансиската инклузија, како што беше посочено, се повисок раст на БДП и помала доходовна нееднаквост. Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека преку обезбедување пристап до сметки, кредити, за жените, за ранливите категории, се овозможува побрз и поинклузивен економски раст. Друга придобивка од финансиската инклузија е дека таа привлекува повеќе луѓе во формалниот сектор, што во фискалниот дел значи повеќе приходи во буџетот. Повеќе приходи во буџетот пак значат подобро здравство, образование, инфраструктура и други јавни услуги.

Новиот, проширен меморандум, во кој се вклучени Министерството за финансии, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, се потпишува во пресрет на Глобалната недела на парите, во која се планирани повеќе активности со кои се сака да се зајакне свеста за потребата од финансиската едукација и да се промовираат предностите од поголема финансиска вклученост.