МФ: Ја интензивираме финансиската едукација

23 март 2019, Скопје - Училиштата можат да закажат посета и предавања за финансиска едукација за своите ученици во Министерството за финансии. Овие активности се планирани во рамки на кампањата за финансиска едукација од страна на Министерството.

За посета на Министерството за финансии или пак предавања од страна на вработените на Министерството во училиштата, можат да се пријават основни, средни училишта, како и факултети. Тоа може да го направат преку електронската пошта edukacija@finance.gov.mk.

Министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека во наредниот период Министерството планира поинтензивна кампања за финансиска едукација.

- Финансиската писменост, познавањето на финансиските услуги  и производи е предуслов за носење правилни финансиски и инвестициски одлуки - вели Тевдовски.

Во рамки на Глобалната недела на парите, Министерството за финансии има организирано  повеќе посети и предавања на основни и средни училишта.

И министерот за финансии се приклучи кон оваа акција. Тој вчера одржа предавање во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, а следната недела ќе одржи и на Универзитетот во Штип.