Тевдовски: Новата стратегија за соработка и проекти со ЕБОР ќе се усвои до крајот на мај

8 мај 2019, Сараево - Новата четиригодишна стратегија за соработка со Европската банка за обнова и развој ќе се усвои до крајот на мај, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на Годишните средби на ЕБОР, кои се одржуваат во Сараево. Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети: поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ и насочување кон зелена економија, информира Тевдовски.

- Преку проектите, согласно со приоритетот за поддршка на конкурентноста, треба да се подобрат деловните вештини, потоа пристапот до работни места за млади, жени и население кое живее во недоволно покриени подрачја, како и конкурентноста на приватниот сектор. За јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ, пак, ќе се спроведат проекти со кои треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики.  Проектите за одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите се насочени  кон зајакнување на капацитетите на обновлива енергија, да се зголеми енергетската ефикасност и ефикасноста на ресурсите како и да се подобри  еколошката инфраструктура на локално ниво - вели Тевдовски и додава дека реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст како и за подобар живот на граѓаните.

Инаку, министерот за финансии се обрати на Панел-дискусијата на гувернери на ЕБОР, на кој учествуваа и министрите за финансии на Србија, Албанија, Црна Гора и Косово, како и министерот за економија и трговија на Босна и Херцеговина. Зборувајќи на тема за потенцијалите за инвестирање во Западен Балкан, Тевдовски истакна дека Владата направила крупен исчекор во надворешната политика со решавањето на спорот за името, што ѝ донесе на земјата политичка стабилност. Тој посочи дека со влезот во НАТО се менуваат економските перспективи на земјата, а воедно истакна и дека се преземаат низа мерки, се инвестира во човечки капитал што, пак, ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст.

- Ги зголемуваме инвестициите во образованието, здравството и социјалните услуги. Она што е од особено значење  е дека започнуваме нови проекти во образованието кои ќе го зголемат вработувањето на младите луѓе. Би сакал да го истакнам проектот за „дуално образование“, кој покрај стандардното средно образование ќе овозможи младите да се стекнат со вештини кај најдобрите странски компании во земјата. Со ова ќе се подобрат нивните способности и ќе им се олесни процесот на наоѓање работа во иднина – истакна Тевдовски. 

Тевдовски на панел-дискусијата посочи и дека Република Северна Македонија е одлична дестинација за инвестирање со одлична бизнис-клима и услови за водење бизнис, како и квалификувана работна сила.