Тевдовски и Ангеловска-Бежоска на Економскиот и финансиски дијалог ЕУ-Западен Балкан

17 мај 2019, Брисел - Министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, денес, учествуваат на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Советот на Европската Унија во Брисел.

Економскиот и финансиски дијалог се одржува секоја година, со цел разгледување на Програмата за економски реформи на земјите кандидати за членство во ЕУ. Тој претставува завршен состанок за годишно оценување на макроекономските политики и структурни приоритети од изминатата година. На него учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка од една страна, а од друга страна министри и гувернери на централните банки од земјите од Западен Балкан и Турција.

Во рамки на дијалогот ќе се одржи и тематска дискусија за структурните реформи што ги спроведуваат земјите кандидати за членство во ЕУ со цел привлекување  повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на економиите.  На оваа дискусија свое обраќање ќе има и министерот за финансии Тевдовски.

На маргините на настанот, Тевдовски ќе оствари и повеќе средби со свои колеги од Европа, во насока на јакнење на меѓусебната соработката.