Елези:Преку МСИП 300 деца во Желино ќе добијат подобри услови за образование

2 јули 2019, Желино - Триста деца во општина Желино ќе добијат подобри услови за образование, преку реконструкција на училиштето во село Палатица, додека локалното население ќе добие подобра инфраструктура преку реконструкција на локалните патни правци Групчин и Ново Село. Со Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, на општина Желино ѝ се доделени 21 милион денари за спроведување на овие проекти.

Денеска,  заменик-министерката за финансии Ширет Елези и градоначалникот на општина Желино Блерим Сејдиу извршија увид во реализацијата на проектите. Заменик-министерката Елези при посетата на училиштето „Фан Ноли“ во Палатица, истакна дека Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП има за цел обезбедување подобри услови за сите, било да живеат во урбана или рурална средина.

- Преку Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП, 300 деца кои учат во основното училиште во Палатица, општина Желино, ќе добијат подобри услови за образование, односно ќе добијат училиште кое ќе биде опремено со нов училиштен мебел, каде што покривот нема да прокиснува и кое зимно време ќе биде топло. Ова значи многу за локалното население, бидејќи решава реални проблеми и реално креира подобри услови за живот за граѓаните - рече Елези.

Преку Проектот ќе се реконструираат и локалните патни правци кај Групчин и Ново Село во вкупна должина од околу 3 километри. Со реконструкцијата на овие патни правци ќе се подобри поврзаноста со Тетово и Скопје.

Градоначалникот на Желино, Сејдију, истакна дека општината учествува во кофинансирање на проектите со околу 10 милиони денари, како и дека поддршката преку Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП е од големо значење за неговата општина. Тој посочи дека преку реализација на овие проекти ќе се подобрат условите за образование во општината, но и локалната инфраструктура.

Инаку, Проектот за подобрување на општинските услуги - МСИП, Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка и Европска комисија. Тој се состои од финансиска поддршка на општините за реализација на капитални проекти како што се: реконструкција и изградба на патишта, на училишта и на градинки, набавка на механизација за општините, изградба на комунална инфраструктура и други капитални проекти. Целта е преку вложување во општините да се подобрат условите за живот на сите граѓани во земјава.