Елези:МојДДВ ги исполнува целите - се враќаат пари кај граѓаните и се намалува сивата економија

31 јули 2019, Скопје – Мерката Мој ДДВ веќе ги дава резултатите за целите за кои беше воведена - влијае врз намалување на сивата економија и враќа пари на граѓаните, вели заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Елези посочи дека, заклучно вчера, граѓаните оствариле поврат од над 930 илјади евра, скенирајќи скоро 7 милиони фискални сметки со промет од 3,5 милијарди денари, а во моментов 143 илјади граѓани скенираат фискални сметки.

- Со оглед на трендот на раст од ден на ден на регистрирани корисници и скенирани сметки, очекуваме бројот на месечно скенирани сметки и сумата за поврат исто така да расте - рече Елези.

Заменик-министерката посочи и дека бројот на сторнирани сметки е намален за 15% во овој период, а удвоен е бројот на пријави за неиздадени фискални сметки во однос на минатата година.

Во однос на намалување на сивата економија,  вкупната наплата на ДДВ е подобрена за 18,3% во однос на лани.

- Наплатата на ДДВ од почетокот на јули до сега изнесува 75 милиони евра. Ова е раст од 18,3% во однос на лани. Подобрената наплата на ДДВ, заедно со одличната наплата на придонесите, персоналниот данок, како и акцизите  придонесува наплатата на вкупните приходи во јули да биде повисока за 16% во однос на 2018 година. Со ова, од почетокот на годината досега приходите во државната каса се поголеми за 7,4% во однос на лани - рече Елези.

Воедно додаде и дека како што ќе расте бројот на скенирани сметки, се очекува наплатата на ДДВ да остварува уште подобри резултати, како и да влијае на вкупната наплата на приходите во државната каса.