Фирмите добија 236,4 милиони евра поврат на ДДВ во првите седум месеци

5 август 2019, Скопје - Над 14,5 милијарди денари или 236,4 милиони евра се инјектирани во стопанството во првата половина од годинава, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите. Согласно податоците на Министерството за финансии, повратот на ДДВ кон фирмите, заклучно со јули, е поголем за околу 14,5% во однос на минатата година.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези вели дека со редовниот и неселективен поврат на ДДВ се подобрува ликвидноста на фирмите. Тоа е значајно за непречено оперативно работење на фирмите, но и за нивната инвестициска активност.

- Во споредба со претходната година, извршен е поврат на ДДВ кон фирмите за 30 милиони евра повеќе. Тоа е уште еден аргумент дека имаме зголемена наплата на даночните приходи, дека ликвидноста е во најдобар ред и со тоа навремено се сервисираат сите обврски - рече заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Позитивните тенденции во стопанството се огледаат и преку добрата наплата на даночните приходи, вклучително и ДДВ кој на бруто-основа е повисок за 5,6% во однос на лани.