Елези во Собрание: 125 милиони евра од СБ за развојни политики за јавни финансии

11 септември 2019 година, Скопје - 125 милиони евра за развојни политики за јавни финансии и конкурентност се обезбедуваат во рамки на новата Рамка за партнерство на Светска банка и Република Северна Македонија за периодот 2019-2023 година, а во рамки на областа Одржлив раст „Подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови“. Денеска на Собрание заменик министерката, Ширет Елези, го образложи Предлогот Законот за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност.

“Клучните активности кои се поддржуваат со овој заем се насочени кон зајакнување на одржливоста на јавните финансии, подобрување на конкуренцијата на пазарот и спроведување на регулаторни реформи“, рече Елези.

Денеска на Собрание на прво читање поминаа и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, како и Предлог Законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври - Еурокомпозит АД Прилеп.