МојДДВ #МојаНаграда: Првите 15 најсреќни граѓани добија по 100.000 денари

5 јануари 2020, Скопје - Најсреќните 15 граѓани кои од 15 до 31 декември лани скенирале фискални сметки, вчера добија по 100.000 денари на јавното извлекување на Канал 5 ТВ. Во првото коло на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда учествуваа 132.261 граѓанин, коишто скенирале вкупно 5.398.855 сметки. Ова беше прво од 12те месечни извлекувања на 15 награди од по 100.000 денари, со електронски генератор по случаен избор. 

Шестмина од наградените се од Скопје, по двајца добитници има од Штип и од Велес, и по еден  од Кавадарци, Кочани, Битола, Велес, Вевчани и Крива Паланка. Официјалната листа на добитниците се објавува во рок од три дена од извлекувањето на  https://loto.mk/MojaNagradaRezultati .

Од почетокот на  МојДДВ #МојаНаграда, поточно од средината на декември, се зголеми бројот на скенирани сметки и наплатениот ДДВ во однос на претходниот месечен просек од јули до ноември. Така на пример, во декември бројот на скенирани сметки е за 53% повисок во однос на претходниот месечен просек, додека наплатениот ДДВ од фискалните сметки е за 59% повисок.

Најмногу сметки на дневно ниво биле скенирани на 31 декември, поточно 559.417 сметки. Тоа е двојно повеќе од просечното дневно скенирање сметки, сметано од 1 јули 2019 година. Дента пред новогодишната ноќ бил направен промет од 311.715.569 денари или повеќе од 5 милиони евра, за кој бил наплатен ДДВ во износ над 530 илјади евра. Само за скенираните сметки на ден пред Новата година, граѓаните ќе добијат поврат на ДДВ од 15 проценти во износ од 80.000 евра.

Граѓаните што учествуваат во наградната игра МојДДВ #Моја награда не само што имаат можност да добијат една од 3.852 парични награди, со вкупен фонд од половина милион евра, туку и на секои три месеци добиваат поврат на ДДВ, и што е најважно, на тој начин придонесуваат во борбата против сивата економија.