Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Банкарскиот систем е стабилен и банките продолжуваат со давање услуги на граѓаните и на компаниите

19 март 2020, Скопје - Народната банка и Министерството за финансии координирано ги следат состојбите во економијата и потенцијалните ризици заради соодветно дејствување. Денес беше одржана електронска седница на Комитетот за финансиска стабилност – меѓуинституционално тело за следење на состојбите во финансискиот систем во кое  членуваат претставници на двете институции. Со седницата претседаваше гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Претставниците на Народната банка и на Министерството за финансии ја разгледаа состојбата во банкарскиот сектор, во контекст на актуелните услови со ширењето на вирусот ковид-19 (коронавирусот). Комитетот заклучи дека банкарскиот систем е стабилен. Банките продолжуваат со давање услуги на граѓаните и на компаниите и се прудентни во своето работење. Информациите од теренот покажуваат дека банките се подготвени да работат и во актуелните вонредни околности и дека ги следат препораките за превенција.

На седницата беше нагласено дека е особено важно што последниот редовен квартален стрес-тест спроведен од страна на Народната банка со податоци за 31 декември 2019 година ја потврдува стабилноста на банкарскиот систем и неговата отпорност на симулираните шокови.

Економските ефекти од вирусот сѐ уште се неизвесни на глобално и национално ниво и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок. Народната банка и Министерството за финансии постојано ги ажурираат информациите и вршат оцена на можните ефекти врз домашната економија, заради навремена процена на потребата од преземање соодветни мерки.

Како што беше нагласено и во рамките на седницата, се очекува дека во текот на претстојните денови, Советот на Народната банка ќе донесе регулаторна измена со која ќе се олеснат условите за реструктурирање на кредитите на граѓаните и компаниите.

Претходно, на почетокот на неделава, Народната банка ја намали основната каматна стапка на 1,75%, а потоа Советот на Народната банка донесе и неколку одлуки за регулаторни промени коишто придонесуваат за ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата. Се очекува дека дел од нив ќе овозможат поголема кредитна поддршка и поповолни услови за компаниите што се погодени, бидејќи износот на новите или реструктурираните кредити одобрени на овие компании ќе претставува одбитна стапка од обврската за држење задолжителна резерва на банките кај Народната банка. Донесена е и одлука за одложена примена на некои регулаторни барања од банките за да се овозможи поголема посветеност на банките на давањето кредитна поддршка на стопанството и на населението.