Залихите на храна се доволни, некои производи ќе бидат ослобoдени од одредени давачки

19 март 2020, Скопје - Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски остварија работен состанок со претставници на најголемите прехранбени компании во земјата.

На состанокот се дискутираше за мерките на Владата за справување со последиците од коронавирусот, како и за залихите на храна што во моментот ги имаат компаниите од прехранбениот сектор, но и проблемите со кои се соочуваат во тековното работење.

Министерот Бектеши информираше дека владиниот пакет-мерки, објавен вчера, е само почеток и дека економските ресори во Владата ќе бидат во интензивна комуникација со бизнис-секторот, сѐ со цел да му се излезе во пресрет во услови на криза.

- Денеска, со претставници на најголемите прехранбени компании во земјата, разговаравме за состојбата со залихи на храна. Во моментов има доволно храна за сите граѓани. Заклучивме дека во овој момент сме обезбедени со залихи на основни прехранбени производи за неколку месеци. Единствен проблем со кој се соочуваат овие компании сега е набавката на репроматеријали кои доаѓаат од увоз. Министерството за економија, согласно нивните барања, заедно со Министерството за финансии, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе направат листа и ќе донесат одлука за ослободување од одредени давачки кај некои производи - потенцираше министерот.

Според него, целта на ваквите мерки е да се влијае да не се зголемуваат цените на одредени производи, дури и да се направи притисок за намалување на одредени цени.

- Работиме напорно, нема простор за паника, има храна за сите, има залихи и треба да бидеме внимателни за да ја поминеме кризата на најдобар можен начин - потенцираше министерот.

Министерката за финансии посочи дека преку пакетот-мерки, поточно преку бескаматните кредити од Развојната банка, одложувањето на аконтациите за данокот на добивка и субвенционирањето на 50% од придонесите, ќе се таргетира зголемувањето на ликвидноста  кај фирмите и задржувањето на работните места. Таа наведе и дека денеска на Комитетот за стабилност со Народната банка ќе се зборува за начинот на кој ќе се изведе мерката за репрограмирање на долговите на граѓаните и фирмите, на тој начин што откако ќе заврши мораториумот за плаќање нема да им претставува голема обврска што ќе треба да ја платат наеднаш.

- Министерството за финансии ќе направи напори за што побрзо да се врши повратот на ДДВ со цел да се заштити и зголеми ликвидноста. За месецот, веќе се исплатени 1,6 милијарди денари поврат на ДДВ, оваа недела пристигнуваат нови налози и ќе продолжиме навремено да го извршуваме повратот на ДДВ кој во моментов е потребен за ликвидноста на стопанството – рече Ангеловска.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски кажа дека интензивно се работи за да се обезбеди непречен проток на стока, не само со земјите од ЦЕФТА, туку и во рамки на Европската Унија.

- Можам да потврдам дека нашите капациети се целосно на располагање и ќе обезбедиме целосен проток на стока. Единствениот проблем е од епидемиолошки аспект за возачите што вршат превоз на стока а кои влегуваат и излегуваат од земјата. Во текот на минатиот ден, заедно со Здравствениот санитарен инспекторат успеавме да издејствуваме да се издаваат дозволи за возачите, со што изјавите кои ги потпишуваат возачите за карантин доколку самите имаат дозвола за излез од државата да се неважечки, со што се надевам дека со оваа дозвола ќе се воспостави рутина и камионите слободно ќе транзитираат и ќе се забрза протокот на стоки -  потенцираше Танаскоски.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауноски уште еднаш алармираше дека таргет на инспекциски контроли ќе бидат оние трговски и компаниите што нема да ги почитуваат одлуките на Владата.
- Ги извршуваме одлуките на Владата и единствено што можам да порачам е дека граѓаните не треба да паничат во врска со зголемување на цените, трговците кажаа дека нема да зголемуваат цени, а денеска и прехранбениот сектор го кажа истото – потенцираше тој.Ѓорѓи Петрушев, претставник од земјоделско-прехранбениот сектор потенцираше дека целата прехранбена индустрија е максимално мобилизирана.

- Фокусирани сме на тоа како да го продолжиме производството, а залихи имаме доволно. Сега е важно да се ставиме во служба на земјата и на потрошувачите. Нема потреба од панично купување храна. Храна има доволно за сите. Она што го правиме сега, ако сите одиме во маркетите и панично купуваме, може само да ни наштети. Ако натрупаме залихи за две , три или четири недели, некој нема да има ни за два дена - потенцираше Петрушев.

Тој истакна дека сега е време за разбирање, солидарност и не само за сами себе туку за целата заедница.

- Единствен проблем со кој се соочуваме е како да обезбедиме увоз на реппроматеријали кои се увозни компоненти, но и тоа е веќе во тек, кажа Петрушев.