Со уредба се регулира секоја фирма да може да доставува фактури по електронски пат

27 март 2020, Скопје - Денес, со донесена уредба од страна на Владата на Република Северна Македонија, а во насока на превенција од Ковид-19, се овозможува секоја фирма да издава фактури во електронска форма (pdf),  без разлика дали се потпишани со дигитален сертификат или не, до своите клиенти.

На овој начин, компаниите ќе се ослободат од потребата за печатење и достава на фактури во услови на намалени ресурси и дополнително ќе се стимулира промена на навиките  во иднина.

Опцијата за печатена фактура за оние граѓани и фирми што го преферираат тоа и понатаму е отворена.

Доколку компанијата поседува електронска пошта или контакт телефон од купувачот, ќе може да почне да му ги испраќа фактурите на истиот по електронски пат. Доколку, пак, не поседува, ќе продолжи да ги испраќа во печатена форма по пошта.

Примачот на фактурата, доколку не сака да добива сметки/фактури по електронски пат, во рок од 10 дена од приемот ќе може да информира дека претпочита хартиена форма. Доколку не одговори во тој рок, ќе се смета дека се согласил да ги добива во електронска форма.

Фактурата во електронска форма ќе мора да ги содржи сите елементи за цели на ДДВ.