Ангеловска: Мерката 14.500 по вработен веќе врати отпуштени работници на работа

9 мај 2020, Скопје - Мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен е добро дизајнирана и за неа се имаат пријавено околу 24.000 компании и околу 6.000 самостојни вршители на дејност. Во гостување на Tелевизија 24, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека е задоволна од одзивот на компаниите, како и дека има податоци дека изминатите неколку дена работодавците вратиле околу 500 вработени на работа за да ја користат мерката.

Ангеловска рече дека одзивот на фирмите е голем, а за колку работници станува збор, ќе се види кога компаниите ќе го пополнат мпин образецот. Во однос на компаниите од погодените индустрии како угостителство и туризам, таа рече дека најголем број од регистрираните фирми од оваа дејност се пријавени.

- Во државата има вкупно 4.400 регистрирани субјекти во угостителство и туризам, значи ако ги земете бројките од пријавените од овие сектори, најголем број се пријавиле за користење на мерката. Интересот на компаниите за мерката покажува дека таа била добро дизајнирана, дека компаниите се задоволни, заинтересирани да аплицираат. Ќе видиме точно колку работни места ќе поддржи мерката, кога ќе ги пополнат МПИН обрасците, но ни дава за право да кажеме дека ќе бидат заштитени голем број работни места, што беше и целта на мерката. Ние очекувавме и калкулиравме дека мерката ќе заштити околу 200.000 работни места – рече Ангеловска.

Во однос на промените на уредбата, Ангеловска рече дека имало флексибилност и дијалог со цел сите засегнати страни да бидат задоволни. Таа посочи дека никогаш не се поддржувало отпуштање работници туку, во интерес на работниците, требало да се ограничи намалувањето на бројот на вработените и на определено и на неопределено време, додека во сите други земји со вакви слични мерки се ограничува бројот на испуштени работници само на неопределено време.

- Во последната уредба само се транспонирани точките од Законот за работни односи. Единствената промена беше земање на месецот април, додека дадовме и можност оние компании коишто испуштиле дел од работниците, го намалиле бројот на вработени, да можат да ги вратат до 7 мај, сѐ со цел да ги заштитиме и тие работни места. Околу 500 вработени до вчера беа вратени назад на работните места, а кои претходно биле одјавени. Ниедна држава нема интерес да се отпуштаат вработени. Која држава би сакала да има поголема стапка на невработеност? Ние се трудиме да ги задржиме луѓето продуктивни на работните места затоа што подобро е тие да бидат на работните места со цел, кога ќе почне фазата на обнова, таа компанија побрзо да се опорави отколку да кажеме дека ќе ги згрижи системот - рече Ангеловска.