„Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија кредитниот рејтинг на земјава

16 мај 2020, Скопје - Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“  уште еднаш го потврдија кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија. „Фич“ ја оценува земјава со ББ+, но сега со негативен изглед поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ- со стабилен изглед.

И двете кредитни агенции, како резултат на кризата предизвикана од ковид-19 и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и опоравувавње, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира -4,2% за 2020 и 5,1% раст во 2021 година, додека „Стандард и Пурс“ -5% во 2020 и 3,8% во 2021 година.

Кредитните агенции ги нотираат мерките што се преземени од страна на Владата, насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја, мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат врз зголемување на државниот долг кој, според проценките на кредитните агенции, ќе се приближи до 50%. Паралелно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит.

Кредитните агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото.

И двете агенции го оценуваат како позитивно зеленото светло од Европската Унија за почеток на преговори што заедно со спроведувањето реформи може значително да придонесе за развој на економијата.