Ангеловска и Бектеши: Со третиот сет економски мерки нови бескаматни кредити, грантови за фирмите и поддршка за извоз и модернизација на компаниите

21 мај 2020, Скопје - Поддршка на инвестиции, полесен пристап до капитал, наоѓање нови пазари, извозна ориентираност, дигитализација, модернизација, нови производи, како и вклучување таргетирани категории, како што се жени претприемачи и млади лица, преку мерки од третиот пакет насочени кон директна поддршка на стопанството. Овие мерки денеска ги презентираа министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерката за финансии посочи дека овие мерки конкретно се насочени кон заштита на ликвидноста и работните места на краток рок, но и поддршка на развојот и зголемување на конкурентноста на компаниите во посткорона-периодот. 

Ангеловска посочи дека преку Развојната банка ќе се нуди нова линија бескаматни кредити, а ќе се развие и гарантна шема за комерцијални кредити.

- Со бескаматни кредити за фирми, преку Развојната банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра, се поддржуваат сите микро и мали фирми, а истата ќе понуди и 30% грант од ЕУ за оние компании коишто се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, или коишто се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење. Понатаму, преку развивање државна гарантна шема за комерцијални кредити преку Развојната банка ќе се овозможи полесен пристап до капитал за фирмите, за ликвидносни потреби, за инвестциии за зголемување на конкурентноста и истата се користи ширум светот токму за периодот на опоравување – вели Ангеловска.

Понатаму ќе се поддржи пласман на компаниите на нови пазари и подобрување на конкурентноста, прво преку 25 милиони евра за приватниот сектор преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата, а во соработка со стопанските комори, понатаму преку развивање дигитална платформа за текстилната, чевларската и индустријата за производство на мебел. Предвидени се и 1,6 милиони евра поддршка за стартап компании и мали и средни фирми за воведување нови процеси, иновации, освојување нови пазари, дигитализација и зголемување на конкурентноста, како и 3 милиони евра преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Министерот за економија, Крешник Бектеши се осврна на мерките од третиот пакет коишто се реализираат преку Министерството за економија и се во вредност од над 50 милиони евра.

- Туризмот и угостителството се најпогодените сектори од оваа здравствено-економска криза, затоа и поддршката којашто преку сите три сета мерки ја даваме за овој сектор е најголема во овој дел. Во третиот пакет-мерки предвидена е поддршка од 16 милиони евра за ваучери за домашен туризам од по 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето-плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи. Оваа мерка опфаќа околу 100 илјади граѓани и ќе се реализира за време на туристичката сезона од јуни до крајот на август.

Министерот Бектеши потенцираше дека оваа криза можеме заедно да ја претвориме во можност за сите нас. 

- Со цел да го заштитиме домашното производство, да им помогнеме на домашните производители и компаниите коишто се погодени од оваа криза. Оваа криза заеднички да ја направиме нова можност за сите нас. Затоа е оваа поддршка од 16 милиони евра во вид на ваучери за граѓаните кои можат да ги искористат за домашните угостителски објекти - истакна Бектеши.  

Министерот за економија посочи дека во буџетот на Министерството за економија се предвидени средства и за финансиска поддршка за приватниот сектор, економијата и индустријата во вкупна вредност од околу 400 илјади евра преку креирање  програма за зајакнување на конкуретноста на компаниите и индустријата, согласно Законот за финансиска поддршка на претпријатијата. Предвидена е и реализација на мерка за поддршка на модернизацијата на компаниите и за освојување нови пазари, пред сѐ за одбрани индустрии со фокус на текстилната и чевларската индустрија и производство на мебел и ПВЦ производи - преку креирање платформа на која домашните компании ќе може да ги нудат и пласираат своите производи на странските пазари преку алтернативен начин на продажба.

Ќе се кофинансираат и настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата а до максимален износ од 30.000 денари.