Ангеловска: Корисниците на домашната платежна картичка веќе можат да пазарат со неа

28 јуни 2020, Скопје - Околу 28 милиони евра се веќе префрлени на банките за домашната платежна картичка, а до средината на изминатата недела се издадени 60.000 картички за корисниците, во износ од околу 11 милиони евра, и истите се во функција. Со домашните платежни картички веќе се пазарат македонски производи, рече на гостувањето во емисијата „Бизнис поенти“ на ТВ Алфа, министерката за финансии Нина Ангеловска.

- Вкупниот износ од 28 милиони евра е легнат на сметките на банките.  Банките секојдневно интензивно ги издаваат домашните платежни картички на граѓаните. Заклучно до 23 јуни во оптек беа 60.000 картички и веќе се плаќа со нив во маркетите, во продавниците, во угостителските објекти. Значи, околу 11 милиони евра веќе беа на сметките на граѓаните до 23 јуни. Ние секојдневно ја следиме реализацијата на мерките, како се издаваат и дистрибуираат картичките до граѓаните, но ја следиме и ситуацијата за одредени приговори што ги имаат поднесено граѓаните, затоа што сметаат дека спаѓаат и ги исполнуваат критериумите, но не се нашле на листата - рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи дека тим од Генералниот секретаријат и другите надлежни институции ги разгледуваат приговорите и посочи дека сите што дале приговор и ги исполнуваат условите, а не се на иницијалната листа, ќе добијат домашна платежна картичка.

Домашните платежни картички можат да се користат за купување домашни производи до 15 август. Продавниците се задолжени на посебни рафтови или со назнаки да ги посочат македонските производи во малопродажбата.