Ангеловска: Над 187.000 домашни платежни картички се активни, 11 милиони евра досега вбризгани во стопанството преку граѓаните

10 јули 2020, Скопје - Преку 187.000 домашни платежни картички се веќе активни и граѓаните со нив веќе направиле над 660.000 трансакции и потрошиле 10,7 милиони евра за домашни производи и услуги, вели во својата фејсбук објава министерката за финансии Нина Ангеловска.

- Заклучно 8 јули имаме 187.768 активни домашни платежни картички. За 3 недели околу 11 милиони евра се вбризгани во економијата преку зголемената потрошувачка од граѓаните со домашната платежна картичка и со тоа се поддржуваат македонските производи и услуги, се поддржуваат граѓаните и се поттикнува економската активност. Исто така, расте и безготовинското плаќање, а со тоа се влијае и на намалување на сивата економија - пишува Ангеловска.

Ангеловска посочува дека  согласно податоците кои ги добиле од дел од банките, со картичките најмногу се пазари во супермакетите, односно преку 90% од транскациите се таму.

Ангеловска наведува дека во тек е втората фаза на разгледување на приговорите од граѓаните кои не добиле картички а сметаат дека треба да бидат корисници. 

-Дел од граѓаните досега добија одговори, па и картички за уважените приговори, а дел од граѓаните допрва ќе добијат - вели Ангеловска во објавата.