Ангеловска на конференција на УНЦИТРАЛ: Жените и е-трговијата ќе одиграат клучна улога во закрепнувањето од КОВИД-19

18 јули 2020, Скопје - Владите треба да го дадат својот придонес за да го олеснат патот за жените во водењето бизнис, да креираат регулативи и платформи за поврзување што ќе им помогнат, а со тоа ќе дадат и придонес во справувањето со кризата предизвикана од КОВИД-19, бидејќи жените можат да одиграат клучна улога. Синергијата што жените можат да ја дадат задно со е-трговијата може значајно да придонесе во адаптирањето кон новото нормално и воедно креирање додадена вредност. Ова го порача министерката за финансии, Нина Ангеловска на една од дискусиите на 6-дневната конференција организирана од страна на Комисијата на Обединетите нации за меѓународна трговија и право – УНЦИТРАЛ, насловена „Одговор на КОВИД-19 и опоравување“ (COVID-19 response and recovery). 

Оваа конференција на високо ниво траеше 6 дена, се дискутираше на 6 теми поврзани со предизвиците од КОВИД-19, а во соработка со ОН жени (UN women). Ангеловска зема учество на темата „Родова еднаквост, трговија и КОВИД“, кадешто се дискутираше за неискористениот потенцијал на жените, нивната клучна улога во кризата, засегнатоста на оваа целна група од кризата, особено малите претпријатија управувани од жени. Во дискусијата учествуваа и претставници на Светска банка, на ОН жени, на министерства од други земји, додека за настанот имаше регистрирано над 800 слушатели.

- Исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација и адаптација. Имаме историска можност за е-трговијата и за жените. Сите треба да го дадат својот придонес - владите да се фокусираат преку регулативата да го олеснат патот за приватниот сектор и за жените, да овозможат амбиент за нови бизнис-модели, нови начини на соработка, за платформи за е-продажба и раст на е-трговијата и отворање можности за поголема конкурентност и освојување нови пазари. Приватниот сектор треба да вложи напори во адаптација на новата нормала - нови практики на работење, адаптација на бизнис моделот, имплементирање нови технологии. Жените треба да ги охрабриме, да им го олесниме патот да го дадат својот придонес, да се вклучат во клучните процеси. Сега е поважно од кога било да го отклучиме неискористениот потенцијал на жените - тие ќе одиграат клучна улога во брзината на закрепнување на нашите економии - посочи Ангеловска.

Таа го истакна значењето на платформите за е-трговија, како и на технологијата којашто понатаму ќе одигра голема улога во функционирањето во новата нормала. Рече дека македонската Влада преземала активности во оваа насока, како што се овозможување фактура во електронски формат, електронски апликации коишто претходно биле исклучиво во хартиена форма, како и дека преку мерките се огледа фокусот кон технологиите како што се ваучерите за кофинансисрање обуки за ИТ вештини, инструментите од Фондот за иновации за брза адаптација и воопшто преку начинот на имплементација на мерките. Во однос на е-трговијата таа посочи дека значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции и дека само во март 2020 година има отворено скоро еднаков број е-продавници како за цела 2019 година.

Во насока на политиките за поддршка на жените во овие услови на криза, Ангеловска посочи дека во третиот сет антикризни мерки што ги предвиде Владата, предвидена е и трета линија бескаматни кредити во висина од 31 милион евра којашто треба да стане функционална наесен. Грант од 30% од кредитот ќе им биде доделен на фирми што се водени или основани од жени, коишто вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење.