Бесими – ЕБОР: Реализацијата на капиталните проекти финансирани од ЕБОР ќе ја придвижи економијата

10 септември 2020, Скопје - Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска оствари средба со директорот на Европската банка за обнова и развој надлежен за Република Северна Македонија, Анди Аранитаси.

На средбата стана збор за меѓусебната соработка што Министерство за финансии и ЕБОР ја имаат во изминатите години, изразена преку тековните и идните проекти, со поддршка од Европската банка за обнова и развој, а чијашто реализација ќе има влијание врз растот на економијата.

Во моментов најголема поддршка се дава за реализација на проекти во транспортниот сектор, односно патната и железничката инфраструктура и авиотранспортот, како и во делот на енергетската инфраструктура.

Меѓу нив се изградбата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир, рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, втора делница, Бељаковце - Крива Паланка, како и Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води Скопје. Во иднина треба да се реализираат и проектите автопатска делница Скопје – Блаце, а се разговара и за автопатската делница Кичево - Гостивар. 

На средбата, министерот Бесими истакна дека во овој период од клучно значење е брзо решавање на состојбите со коишто се соочуваат ресорните институции во чијашто надлежност е реализацијата на проектите, со што би се овозможило придвижување на економијата.

„Реализацијата на веќе започнатите проекти ќе биде од големо значење за придвижување на економскиот раст во време на пандемија и, секако, подобрување на инфраструктурата што ќе има позитивен економски ефект и на долг рок. Треба да ја искористиме поддршката од ЕБОР и институционално да најдеме начин за надминување на сите проблеми со коишто се соочуваме во реализацијата на дел од постојните проекти. Со реализацијата на проектите овозможуваме подобри услови за економските субјекти кои стануваат поконкурентни на пазарот. Воедно, преку реализацијата на капиталните проекти се овозможува работа за стотици домашни фирми и зголемување на вработеноста во градежништвото“, истакна Бесими.

Директорот Анди Аранитаси, во името на ЕБОР, му го честита изборот за министер и му посака успех во работата. Воедно истакна дека поддршката на ЕБОР ќе продолжи и во идниот период со надеж за придонес кон побрзо придвижување на економијата.