Бесими: Со ребалансот на Буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки

15 октомври 2020, Скопје - Со ребалансот на Буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, којшто има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да осигури стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики што ќе помогнат во спроведување брза излезна стратегија, со цел продолжување на позитивните трендови на македонска економија по завршувањето на кризата. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

- Четвртиот сет мерки има три столба. Првиот е наменет за граѓаните, социјалниот сегмент што се однесува на граѓаните и нивниот стандард за соочување со овој период. Вториот столб се однесува на приватниот сектор односно економската активност и работните места, сите активности што подразбираат ликвидност, финансиска стабилност и економско опоравување. Третиот столб подразбира фискална и финансиска стабилност на економијата во целина. Таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз погодените домашни компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор - посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се на речиси идентично ниво во однос на планот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,1% повисоко (околу 10 милијарди денари повеќе) во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4% од БДП.

Со ребалансот на Буџетот се додаваат средства во програмата на Владата, којашто е наменета за спроведување на дел од мерките од четвртиот сет како што се мерките за поддршка за исплата на плата за компании што имаат одреден пад на приходи како последица на пандемијата, домашна платежна картичка, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња; туристички водичи, регистрирани како самостојни вршители на дејност; враќање на туристичка такса за 2019 година за остварени ноќевања;  македонски викенд шопинг со МојДДВ, државна гарантна шема и царинска гаранција и грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

Проектираниот дефицит за 2020 година, отплатата по основ на главнина на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари  и отплатата на домашниот долг во износ од 15,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.