Бесими: Сивата економија ќе ја намалиме преку зголемување на опортунитетниот трошок за работење во сивата зона

15 ноември 2020, Скопје - Сивата економија, која изнесува околу 37% од брутодомашниот производ, може да се сузбие само преку мерки кои ќе придонесат ризикот од дејствувањето во рамки на сивата зона да биде поголем од приносот од истото, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на дебатата за буџетот 2021 на МТВ, на која учествува и премиерот Зоран Заев и економски експерти.

-Тоа што сакаме да го постигнеме, со економски речник се вика да се зголеми опортунитетниот трошок на сивата економија, односно народски - значи ризикот за сива економија да биде поголем од приносот од сивата економија. Со мерките ќе се намали приносот, бидејќи во формалната економија поедноставни да се работи. Со зајакнување на контролите ќе се створи свест дека може многу повеќе да загуби, отколку да добие - вели Бесими.

Како мерки за сузбивање на сивата економија Бесими ги наведе дигитализацијата, понатаму мерки кои ќе ја зајакнат даночна свест и ќе ги мотивираат даночните обврзници да ја извршат својата обврска, воведување на субјектите во формалната економија, но и зајакнатите контроли.