Издадена е втората еврообврзница во вредност од 175 милиони евра

Министерството за финансии вчера изврши успешна емисија на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал во вредност од 175 милиони евра.

Рокот на доспевање на еврообврзницата е 3,5 години, односно јануари 2013 година. Купонската каматна стапка која беше постигната изнесува 9,875 отсто. Ова е втора еврообврзница која е издадена од Република Македонија.

&nbsp

Емисијата на еврообврзницата се случува во турбулентен период во кој многу земји од Југоисточна Европа, кои имаат и подобар инвестиционен рејтинг од кредитниот на земјава, стравуваат од исходот од вакво појавување на меѓународниот пазар на капитал. Мора да се истакне и дека ова е прва емисија на еврообврзници на земја која нема инвестиционен рејтинг од започнување на кризата.За споредба Литванија која е земја со инвестиционен рејтинг и членка на Европската унија на 22 јуни 2009 година издаде еврообврзница во износ од 500 милиони евра со каматна стапка од 9,375%, што не е значително помалку од стапката која беше постигната на еврообврзницата на Република Македонија.

&nbsp

Во екот на кризата, постојната еврообврзница на Република Македонија која е издадена во 2005 година, се тргуваше во подолг период со распон над среднорочниот своп за евро валута и над 1000 базични поени, што би значело бараниот принос достигаше и до 14% годишно. Поради тоа, може да се констатира дека за краток период, со активното контактирање со инвеститорите и претставување на состојбите и перспективите во Македонија се успеа бараниот принос да се намали за повеќе од 4%.

&nbsp

Интересот за еврообврзницата кај странските инвеститори беше значителен. Оваа хартија од вредност од страна на кредит рејтинг агенциите Standard & Poor's и Fitch беше оценета со BB и BB+ соодветно. За големиот интерес за купување на оваа еврообврзницата говори и фактот што побарувачката беше поголема од понудениот износ дефиниран во проспектот за издавање за 48,6 милиони евра, а инвеститорската база е географски дисперзирана по целиот европски континент и пошироко и ја сочинуваат инвеститори од Велика Британија (59,9%), Швајцарија (11,3), Бразил (8,6%), Австрија (6,9%), Данска (5,1%), Германија (3,1%), Грција (2,9%), Бенелукс (1,5%), и други земји (0,7%). Главните купувачи се друштва за управување со средства (35,8%), пензиски фондови (22,9%), инвестициони фондови (18,6%), приватни банки (10,8%), банки (7,6%), осигурителни фондови (3,4%), и други (0,9%).

&nbsp

Во моментов кога сите земји се борат за привлекување на странски директни инвестиции и влез на капитал, Република Македонија успеа да привлече широка лепеза на инвеститори која ја гледаат како атрактивно (сигурно) место за инвестирање, што е привилегија за секоја земја во 2009 година.

&nbsp

Во моментот вкупниот јавен долг на Република Македонија изнесува 1721,9 милиони евра, односно 25,9% во однос на БДП и со оваа операција јавниот долг благо ќе се зголеми за 2,6% поени, што е во согласност со Стратегијата за управување на јавниот долг на Република Македонија за периодот од 2009-2011 година.