Врачени првите решенија на фирми на студенти со намалени трошоци за електронска регистрација

Скопје, 10 јануари 2012 (МИА) - Основачите на фирмите „Наша винарија“ и „Млечно царство“ Ристе Стефанов и Синиша Станоевиќ се првите што ја искористија владината мерка со која за 50 проценти

се намалуваат трошоците за регистрирање фирма на студенти по електронски пат во Централниот регистер.

 

Решенијата на младите претприемачи денеска во Централниот регистар им ги додели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, порачувајќи им во нивните бизнис да имаат многу инвестиции и работни места.

 

Вицепремиерот Ставрески нагласи дека Владата постојано спроведува мерки и активности за подобрување на бизнис климата. Успесите кои се постигнати и континуираниот напредок, според него, во голем дел се заслуга на Централниот регистер. Во претходните години, истакна, значително беа забрзани процесите за регистрација на фирма и намалени трошоците за регистрација.

 

- Денеска имаме можност да соопштиме уште една таква мерка која ќе им помогне на младите да почнат сопствен бизнис. Во таа насока Владата и Централниот регистар решија за 50 проценти да се намалат трошоците за електронско регистрирање фирма за студентите, со цел младите кои сакаат да ја зграпчат сопствената иднина во своите раце и да почнат сопствен бизнис да можат тоа да го направат по многу пониски трошоци, рече Ставрески.

 

Во насока на подобрување на бизнис климата во Македонија, најави вицепремиерот, во наредниот период ќе бидат спроведени уште 40 до 50 нови мерки во повеќе институции, како Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Катастарот, Царината. Тие мерки ќе овоможат поголем број млади луѓе да почнат свој бизнис и да имаат поголеми шанси за успех, појасни вицепремиерот.

 

Директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски посочи дека со основање трговско друштво по електронски пат, како дел од втората фаза на проектот едношалтерски систем, се олеснуваат условите за почнување сопствен бизнис на идните претпримачи.

 

- Како дел од спроведените реформи на Централниот регистар е воведувањето нови системи за регистрација на трговските друштва и донесувањето нови тарифни ставки. Сите студенти имаат можност за електронска регистрација на фирма за само 20 евра, а за останатите кои ќе аплицираат електронски вкупниот надомест е намален за десет проценти. Со овие олеснети услови кои ги овозможи Владата, студентите и останатите кои ќе аплицираат електронски конечно ќе можат да преземат предизвик и да почнат сопствен бизнис, информира Костадиновски.

 

Тој потсети дека Македонија во извештаите на Светската банка е на прво место втора година по ред според индикаторот за почнување бизнис. Со имплементирање вакви реформи Костадиновски се надева дека Македонија ќе напредува дополнително подобрувајќи ја деловната клима и условите за водење бизнис.

 

Одговарајќи на новинарски прашања за бројот на блокирани фирми, директорот на Ценралниот регистар рече дека таа е варијабилна.

 

- Може да се случи некоја компанија да била блокирана денес, меѓутоа за два часа да се деблокира сметката, а ние тоа го добиваме како информација. Немаме инфопрмација дека се зголемува или намалува бројот. Податоците ги добиваме на дневна основа. Таа бројка е варијабилна и се однесува на некои компании кои извесен период не се активни или не си ги извршиле своите обврски, но ќе се донесе системско решение кое ќе може да го реши овој проблем со неактивните копмпании, рече Костадиновски.