13 декември 2018, Скопје – Потпишани се спогодба и договор за обезбедување средства за изградба на втората фаза од проектот „Парк на електрични ветерници – Богданци“.  МФ Драган Тевдовски изјави дека, проектот има за цел да придонесе за заштитата на животната средина, преку обезбедување обновливи енергии и економски раст. Средствата, пак, се обезбедени по поволни услови.

На јавното потпишување, потпишана е спогодбата за финансиска соработка помеѓу владите на Р. Македонија и СР Германија, чии потписници се германскиот амбасадор Томас Герберих и МФ Драган Тевдовски. Потоа потпишана е гаранцијата со КфВ банка, како и кредитот кој го зема ЕЛЕМ, чиј потписник е директорот Драган Миновски. Потписник од КфВ банка е директорот за Југоисточна Европа и Турција, Кристоф Тискенс.

– Македонската Влада треба да се концентрира целосно на реформските процеси кои мора да доведат до создавање ново македонско општество, во кое сите луѓе ќе можат да ги остваруваат основните човекови права и кое дава можност за подобри услови за живот, изјави германскиот амбасадор Герберих на денешното потпишување.

На потпишувањето на договорот се обрати и директорот на КфВ банка за Југоисточна Европа, Кристоф Тискенс. Според него, финансирањето и спроведувањето на овој Проект се важни за банката, но уште повеќе за граѓаните на Македонија, бидејќи тој претставува чекор напред кон зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.

Според директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, има неколку клучни продобивки од финализацијата на овој проект и тоа: Се зголемува инсталираната моќност на АД ЕЛЕМ за 13,8 MW и годишно производство од дополнителни 37 GWh, доволни за снабдување со електрична енергија на околу 6000 домаќинства.

Се заокружува проектот Парк на ветерни електрични централи Богданци на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.

Со изградбата ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од АД ЕЛЕМ од околу 3%. Република Македонија има обврски кон Европска Унија за исполнување на целите за 20% производство од обновливи извори во енергетскиот биланс, цел која е поставена и поддржана од сите релевантни институции во Република Македонија. Предвидени се и заштеди на емисијата на CO2 од околу 35.000 t годишно.

Во рамки на втората фаза од овој проект предвидено е поставување 6 турбини во ветерниот парк Богданци со инсталирана моќност од 13,8 MW. На овој начин ќе се искористи ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани, со цел постигнување  дополнително годишно производство од 37 GWh природно одржлива енергија.

За реализација на втората фаза од проектот обезбеден е поволен заем во износ од 18 милиони евра во рамки на билатералната развојна соработка со СР Германија, преку КфВ банка, додека АД ЕЛЕМ ќе обезбеди 3 милиони евра од сопствени средства. За средствата во износ од 18 милиони евра заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција.

Министерот за финансии ги соопшти и условите според кои се обезбедува заемот на АД Елем…

– Рокот за отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години; Каматната стапка е фиксна каматна стапка и истата дополнително ќе биде утврдена на денот на потпишување на договорите (индикативната каматна стапка добиена од КфВ на 23.11.2018 година изнесува 1,15% и истата важи до 14.12.2018 година);

Сервисирањето на заемот ќе го врши АД ЕЛЕМ од приходите што ги остварува, a го гарантира државата.

 

Comments are closed.