|

13 април 2023, Вашингтон – Мерките и политиките што ги спроведува РС Македонија ја задржаа макроекономската стабилност, буџетскиот дефицит забележа намалување, јавниот долг е на одржливо ниво и во рамки на Мастришките критериуми, инфлацијата покажува тренд на намалување, економијата е отпорна и е во позитивна зона. Ова беше констатирано на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими со  заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли и директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер,  одржани во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
 
„Неизвесноста и предизвиците од кризата се сѐ уште присутни во глобални рамки што се чувствуваат и во РС Македонија. Нашата определба е да одговориме на тие предизвици на краток рок и да опстоиме на нашите среднорочни определба за фискална консолидација и забрзување на економскиот раст. Мерките што ги преземаме за справување со ценовната криза веќе покажуваат ефект со намалување на стапката на инфлацијата пет месеци последователно од 19,8 % во октомври во март таа изнесуваше 14,7 %. Буџетскиот дефицит од почетокот на годинава е понизок за околу 16 % во однос на остварениот дефицит во тој период од 2022 година, јавниот долг е на ниво од 57,1 %, заклучно со декември 2022 година, државниот долг на крајот на февруари изнесува 44,9 % од БДП, вкупните приходи во буџетот од почетокот на годината бележат раст од околу 15 %, економската активност покажува отпорност и бележи раст, извозот бележи раст од 10,2 % во првите два месеца од 2023,стапката на невработеност се намали и е на историски најниско ниво од 14 %“, рече министерот Бесими.
 
Тој потенцира дека здравите и одржливи политики беа препознаени од ММФ минатата година со одобрување на средства од Инструментот за ликвидност и претпазливост – ПЛЛ. „Тоа е поддршка на политиките што ги спроведуваме за справување со кризата и да поставиме основа за натамошен долгорочен раст. Поддршка во време на криза кога финансиските средства на пазарите стануваат скапи и ограничени е сигнал до инвеститорите за здравост на политиките“, потенцира Бесими и додаде дека потврда за политиките беше и изразениот голем интерес од инвеститорите на аукцијата за 9-тата еврообврзница што беше издадена во текот на март 2023 година, потврдениот кредитен рејтинг од агенциите Фич и Стандард и Пурс, како и интересот за странски инвестиции во земјата, кои во минатата година достигнаа над 750 милиони евра, што е за над 60 % повеќе во споредба со 2021 година.
Исто така, на средбата беше напоменато дека позитивно влијание се очекува да има реализацијата на капиталните проекти за кои во Буџетот за 2023 година се проектирани 800 милиони евра, како и инвестициите во индустриските зони.
 
На средбата министерот се осврна на реформите што се имплементираат во делот на јавните финансии, новиот Закон за буџети и поддршката што може да се добие во тој реформски процес, преку кој ќе се воспостави нов модерен систем на буџетирање, заснован на транспарентност и отчетност и алоцирање на средствата каде што ќе даваат најдобри резултати.
 
Министерот Бесими во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ ќе оствари средба и со новата потпретседателка  на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и  извршниот директор на СБ, Кун Давидсe.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.