13 април 2023, Вашингтон – Соединетите Американски Држави се стратешки партнер на РС Македонија. Земјата има континуирана поддршка од САД во остварување на своите приоритетни цели, демократски и економски развој и евроатланските интеграции, а досегашната поддршката на 30-годишното партнерство се проценува на 840 милиони американски долари. Постои подготвеност за зајакнување на тоа партнерство преку нови иницијативи и проекти, кое од минатата година е издигинато на ново повисоко ниво со одржување на Стратешкиот дијалог со САД. Можностите за соработка во делот на јавните финансии денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со Брајан Меколи, заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија во Трезорот на САД.
„РС Македонија во изминатиот период работеше на спроведување значајна реформа во управувањето со јавните финансии. Го усвоивме новиот Закон за буџети, кој значи заменување на стариот традиционален начин на буџетирање и воведување нов современ начин на буџетирање, кој се заснова на точно определени и дефинирани правила во процесот на планирање и извршување. Тоа се новини коишто ќе треба да се спроведат во наредниот период, а за тоа е добредојдена поддршката што ја нудат институции кои имаат знаење и искуство. Трезорот на САД нуди значајна техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, како и полето на справување со сивата економија, во делот на развивање на финансискиот пазар, заштита на потрошувачите и слично. Таквата поддршка ќе ги зајакне капацитетите на нашите институции, пред кои стои спроведувањето на реформите на кои крајна цел е економски просперитет“, рече министерот за финансии.
Тој додаде дека тие реформи истовремено се спроведуваат со имплементација на нови современи дигитални платформи, како што е ИФМИС – Интегриран информациски систем за управување со финансии, кој е предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии и кој ќе ја подобри ефикасноста и транспареноста.
Бесими на средбата потенцира дека Министерството за финансии е посветено на одржување макроекономска стабилност и дека останува на определбата за одговорно управување со јавните финансии, фискална консолидација, одржливо ниво на јавен долг и инвестирање на парите во буџетот онаму каде ќе дадат најдобар ефект. Сето тоа е насочено кон обезбедување повисоки стапки на економски раст.
„Во таа насока е подготвен и донесен Планот за забрзан економски раст како основа за зголемување на стапките на економски раст. Целта на Планот е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а истовремено да се остане на зацртаниот курс за намалување на буџетскиот дефицит и да се задржи долгот на стабилно ниво. За тоа нуди на инвеститорите различни форми за обезбедување финансиски средства за проекти“, рече Бесими.
На средбата стана збор и за поддршка во однос на развојот на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и препораки во однос на новите инструменти што се планира да се воведат на примарниот пазар на државни хартии од вредност, како и поддршка за зајакнување на капацитетите на Управата за јавни приходи и Царинската управа.
Министерот за финансии Фатмир Бесими средбата со Меколи ја одржа во рамки на неговата посета во САД, каде претходно оствари средби во ООН. Од денеска тој, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска ќе учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.