|

10 март 2023, Скопје – Пазарот нуди различни инструменти, а трошокот или каматата е таа што дефинира кој инструмент ќе го избереме. Тоа беше одлучувачко и за нас при повторената аукција за 9-тата еврообврзница, да направиме трошокот да не биде повисок од претходната аукција, која претходно беше откажана поради технички причини. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостувањето во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21.

„Граѓаните имаат право да го знаат секој детаљ. Еврообврзницата  отвори многу теми, многу аспекти. Тоа што е клучно и што секој граѓанин треба да го знае е дека на аукцијата за еврообврзницата од 600 милиони евра во февруари  трошокот за камата изнесуваше 37,5 милиони евра. На аукцијата во март, којашто се повтори, бидејќи првата беше откажана од технички причини, за еврообврзница од 500 милиони евра и дополнителни 100 милиони евра обезбедени преку поволен заем, трошокот за камата останува ист“, рече министерот Бесими.

Со оглед на тоа што еврообврзницата се издава за враќање стари доспеани обврски во износ од 600 милиони евра, потенцира дека во ситуацијата е постапено така што за враќање ист износ на старо задолжување да имаме ист трошок во споредба со аукцијата од февруари. „Направивме комбинација  на инструменти и издадовме еврообврзница од 500 милиони евра и другите потребни 100 милиони евра се обезбедуваат преку заем со поволни услови“.

Исто така, укажа дека треба да се направи разлика помеѓу номиналната и реалната каматна стапка и дека ако се земе предвид инфлацијата, реалната каматна стапка на задолжување е минус, што е важно бидејќи тоа на долг рок е одржливо во споредба со проектираната стапка на реален економски раст.

Според министерот, ова не е едноставна операција и можеби не се постигнува идеалното, но се прави на најоптимален начин во турбулентни времиња на кризи. Притоа наведе дека кога се излегува на меѓународниот пазар најважно е да има интерес за еврообврзницата од страна на инвеститорите, што всушност и се покажа на последната аукција кога имаше понуда од 2 милијарди евра. Тоа е повеќе и од претходната аукција, што покажува дека кредитниот рејтинг и кредибилитетот на земјата е зачуван.

Бесими истакна дека важен аспект е тоа што ова задолжување се прави за враќање стари долгови. Притоа, во Буџетот е предвиден дефицит во износ од 700 милиони евра наменети за капитални расходи, коишто се проектирани на 800 милиони евра, а овие средства ќе се обезбедат преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, кои исто така даваат поддршка на економските политики и мерки планирани во Буџетот.

Во интервјуто министерот се осврна и на потпишаниот Договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за реализација на значајни инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10д. Притоа посочи дека тоа се важни проекти за кои во наредните пет години ќе бидат издвоени 1,3 милијарди евра, но дека се очекува позитивен придонес во растот на стапката на БДП.

Исто така, се осврна и на мерките што ги презема Владата за да се влијае врз намалување на инфлацијата, како и на реализацијата на Буџетот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.