|

10 април 2023, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска до 15 април 2023 година ќе престојува во работна посета во САД, каде ќе оствари средби со високи претставници во седиштето на ОН, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

За време на престојот, министерот ќе оствари средби со заменик-генералниот секретар на ОН Амина Мохамед и регионалниот директор за Европа и Централна Азија Ивана Живковиќ на кои ќе стане збор за поддршката што земјата ја добива од оваа значајна меѓународна организација во остварување на развојните цели, одржлив развој, зелено финансирање, како и за насоки за справување со предизвиците кои произлегоа од енергетската и ценовната криза.

Во рамки на работната посета, министерот за финансии, заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, ќе учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Овие средби, кои на едно место обединуваат министри, гувернери, претставници на приватен сектор, на граѓански организации, експерти и слично, даваат можност за голем број формални и неформални средби помеѓу учесниците.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во рамки на Пролетните средби ќе оствари средби со заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Бо Ли, директорот на ММФ за  Европа Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и алтернативниот извршен директор Лук Дресе. Исто така министерот во Вашинготн ќе има средби со високи претставници на Светската банка, меѓу кои со новата потпретседателка  за регионот на Европа и Централна Азија Антонела Басани и  извршниот директор Кун Давидсe.  Средбите се можност да се направи осврт на политиките и реформите што ги презема земјата во насока на постигнувaње повисоки и одржливи  стапки на раст, среднорочните планови, како и  мерките за справување со кризата.

Министерот ќе има средби и со Брајан Меколи, заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија во Трезорот на САД кој нуди значајна  техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии.

Во фокусот на Пролетните средби во Вашингтон ќе бидат предизвиците со кои се соочува светот, како може да се одговори на тие предизвици и истовремено да се промовира раст и просперитет за сите. Ќе се одржат многу настани посветени на глобалната економија, меѓународниот развој и светските финансиски пазари.

Comments are closed.