6 ноември 2017, Скопје – Правиме сè да ја отвориме транспарентноста на јавните трошења затоа што таа ќе прави притисок да се трошат парите како што треба, истакна министерот Драган Тевдовски на настан пред стопанствениците во Стопанска комора на Македонија. И ММФ и Светска банка по четири – пет месеци признаваат дека имаме сериозни чекори во транспарентноста, напомена тој.
Според Тевдовски, Буџетот може посериозно да се зголемува само ако се обезбеди добро јавно образование, добро јавно здравство, подобри патишта, нешто што ќе има повратен ефект. Но, не треба само да растат платите, туку паралелно треба да се зголемуваат и критериумите.
– Во образованието, на пример, треба да се знае кој може да предава на деца ако сакаме да постигнеме резултати на подолг рок. Доста е да гледаме брзи промени што ѝ одговараат на владејачката елита. Затоа отвораме нови прашања, за да почнеме да ги средуваме работите во Македонија, подвлече Тевдовски.
Во текот на дискусијата се отворија повеќе прашања на кои министерот директно одговараше. И тој и претседателот на Комората, Бранко Азески, потврдија дека ваквиот, транспарентен, начин на дискусија пред донесувањето на Буџетот ќе стане пракса и ќе премине во традиција.