[collapsed]

 

Најчести прашања и одговори за внатрешна ревизија

 
Што е внатрешната ревизија? 
 
Внатрешна ревизија е независна активност на давање објективно уверување и совет, воспоставена со цел да придонесе за зголемување на вредноста и подобрување на работењето на субјектот. Таа помага субјектот да ги исполни своите цели, применувајќи систематски, дисциплиниран пристап за процена и подобрување на ефективноста во процесите на управување со ризикот, контролата и управувањето.
 
Од кога е отпочнат процесот на воспоставување на внатрешна ревизија?
 
Внатрешната ревизија како активност во јавниот сектор во Република Македонија започнува во 2000 година кога е формирана единицата за внатрешна ревизија во Министерството за финансии (цeнтрализиран модел). Во 2004 година започнува воспоставувањето на единици за внатрешна ревизија кај институциите од јавниот сектор (децентрализиран модел). Поради потребата од развој и поддршка на внатрешната ревизија во Република Македонија во април 2004 година во Министерството за финансии се формира Сектор за централна внатрешна ревизија со две одделенија кој во декември 2006 година се трансформира во Сектор за јавна внатрешна финансиска контрола со четири одделенија.
 
Кој спроведува внатрешна ревизија?
 
Внатрешна ревизија спроведуваат единиците  за внатрешна ревизија во субјектите од јавниот сектор.
 
Каде се спроведува внатрешна ревизија?
 
Единицата за внатрешна ревизија спроведува внатрешна ревизија во:

  • субјектот од јавниот сектор,
  • единките корисници,
  • сите структури,
  • програми,
  • активности и процеси, вклучувајќи ги и оние на корисниците на средства од ЕУ фондовите, како и кај
  • правните и физички лица со кои субјектот кај кој се врши внатрешна ревизија има деловни односи и кои користат јавни средства

Единицата за внатрешна ревизија, во субјектот кој е одговорен за управување со меѓуресорските програми/проекти, ја координира работата на единиците за внатрешна ревизија на субјектите од јавниот сектор кои учествуваат во спроведувањето на програмите/проектите.
 
Каде задолжително се основа единица за внатрешна ревизија? 
 
Единица за внатрешна ревизија задолжително се основа во: Собранието на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија, министерствата, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за државни патишта на Република Македонија, Агенција за вработување на Република Македонија и Агенцијата за државни службеници. Исто така, единица за внатрешна ревизија задолжително се основа и во сите субјекти од јавниот сектор чиј просечен годишен буџет/финансиски план во последните три години го надминува износот од 50 милиони денари.
 
Кои субјекти немаат обврска задолжително да основаат единица за внатрешна ревизија?
 

Субјектот од јавниот сектор, чиј просечен годишен буџет/финансиски план во последните три години не го надминува износот од 50 милиони денари, немаат обврска да основаат единица за внатрешна ревизија, но внатрешна ревизија задолжително  организираат со ангажирање на:

  • внатрешен ревизор/и од единица за внатрешна ревизија од друг субјект од јавниот сектор, врз основа на договор склучен меѓу раководителите на двата субјекти од јавниот сектор; или
  • ревизор/и наведени во регистарот на овластени внатрешни ревизори во Министерството за финансии.

Како се обезбедува независност на единицата за внатрешна ревизија?   

  • Единицата за внатрешна ревизија е организациски и функционално независна и директно и единствено одговорна на раководителот на субјектот од јавниот сектор.
  • Функционалната независност на единицата за внатрешна ревизија се обезбедува преку нејзината независност од другите организациони делови на субјектот во планирањето на работата, извршувањето на внатрешната ревизија и известувањето.
  • Раководителот на единицата за внатрешна ревизија и внатрешните ревизори се независни при извршувањето на внатрешната ревизија, која ја извршуваат стручно и професионално применувајќи методологија заснована на меѓународните стандарди за внатрешна ревизија,принципите и правилата за однесување утврдени со Етичкиот кодекс на внатрешните ревизори како и насоките или упатствата од министерот за финансии.
  • Раководителот на единицата за внатрешна ревизија и внатрешните ревизори не треба да извршуваат задачи на финансиско управување и контрола и други задачи во субјектот што не произлегуваат од функцијата на внатрешната ревизија.
  • Раководителот на единицата за внатрешна ревизија и внатрешните ревизори не може да бидат отпуштени или прераспоредени на друго работно место заради известување за одредени состојби или давање на одредени препораки.
  • Пред да бидат преземени дисциплински мерки, прераспоредување или отпуштање на раководителот на единицата за внатрешна ревизија и внатрешните ревизори, раководителот на субјектот од јавниот сектор е должен за тоа да ја извести Централната единица за хармонизација и да ја приложи потребната документација.
  • Прераспоредувањето или отпуштањето на раководителот на единицата за внатрешна ревизија или внатрешните ревизори се реализираат по добивање на писменa согласност од министерот за финансии.

За што е надлежен раководителот на единицата за внатрешна ревизија?
 
Раководителот на единицата за внатрешна ревизија е надлежен директно да го известува раководителот на субјектот од јавниот сектор за сите ревизорски прашања кај субјектот од јавниот сектор, а особено за:

  • регуларноста, ефективноста и ефикасноста на извршувањето на буџетот/финансискиот план;
  • регуларноста и ефикасноста на внатрешната финансиска контрола, вклучително и управувањето со средствата и
  • усогласеноста на сметководствените извештаи за извршување на буџетот/финансискиот план со сметководствените стандарди.

Раководителот на единицата за внатрешна ревизија дава мислења за внатрешните правила и акти на субјектот од јавниот сектор во врска со прашања поврзани со внатрешната финансиска контрола и внатрешната ревизија пред овие правила и акти да влезат во сила.
 
Раководителот на единицата за внатрешна ревизија ги советува сите раководни лица во субјектот од јавниот сектор за управувањето со ризик.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.