11 ноември 2019, Скопје – Во фокус на Предлог-буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал, односно во подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор. Годинава инвестираме речиси 56% од вкупните буџетски расходи во областите врз кои се потпира човечкиот капитал, односно здравството, образованието и социјалата. Ова го истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска на презентацијата на Предлог-буџетот за 2020 година пред бизнис-заедницата, невладиниот сектор, синдикатот и експертската јавност, која се одржа денеска во Министерството за финансии.
Таа посочи дека ваквите настани се добра практика, бидејќи на нив може да се слушнат видувањата и мислењата од страна на експертите, синдикатите, бизнис-секторот и невладиниот сектор.
– Причината заради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да можеме да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја, според индексот на човечки капитал кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет е оној буџет кој ги адресира приоритетите, а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал – рече министерката Ангеловска.
Воедно истакна дека буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3%, односно на пониско ниво од годинава за која е проектиран дефицит од 2,5%, и од 2018 година кога беше проектиран дефицит од 2,7%. Ова е важен показател на силната определба за фискална консолидација, придружена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните како и на инфраструктурни проекти.
Министерката за финансии рече дека проекциите во Буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8% од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.
Растот на нето-платата во 2020 година е проектиран на 6,3%, што се темели на ефектите од зголемувањето на минималната плата, која ќе порасне за 2000 денари од декември годинава, но и на растот на платите во приватниот сектор, поддржани преку мерката за субвенционирање на приватните компании кои ќе ја покачат платата на вработените.
Стапката на невработеност во вториот квартал од 2019 година изнесува 17,5%, додека во 2020 година се очекува да се намали на 16,1%. Стапката на вработеност се очекува да се придвижи нагоре до 48,2% во 2020 година.
Предлог-буџетот од Министерството за финансии ќе се разгледува утре на владина седница. По неговото усвојување од страна на Владата, истиот ќе биде доставен до Собранието.